Социјални мрежи: Кога една информација станува вирална?

Најчесто е комбинација на текст, слика, видео и затоа има големо влијание врз самиот корисник и ја зголемува неговата желба тој податок да го сподели со своите пријатели, вели Орце Петрески, ИТ-консултант

Фотографијата на човекот со сива виндјакна, бела коса, очила и сина хируршка маска, седнат на столче со прекрстени нозе и со кафеави зимски ракавици на рацете, на почетокот на годинава почна масовно да се појавува на фотографии во целиот свет, во секакви можни ситуации. Со Марк Хамил во „Војна на ѕвездите“, со Том Хенкс во „Форест Гамп“, со девојките од „Сексот и градот“, во вселената, во маркет, во авион, на тросед во дневна соба со непознато семејство, на клупа во парк во Скопје. Секоја нова ситуација предизвикува лавина од смеење.

Фотографијата што стана вирална за 24 часа

Кој би рекол дека оваа фотографија ќе стане вирална?! Милиони луѓе ја пренесоа, но малкумина знаат дека тоа е американскиот сенатор Берни Сандерс на инаугурацијата на американскиот претседател Џо Бајден и потпретседателката Камила Харис. Фотографијата е снимена на 20 јануари, а веќе следниот ден стана вирална. Во познатото американско шоу „Лејт најт“, Сандерс расположен вели дека ги гледал мемињата. На прашањето дали воопшто претпоставувал дека оваа фотографија ќе стане вирална, тој вели:
„Воопшто! Седев на столчето, се обидував да се стоплам и да следам што се случува“.
Сенаторот дури објасни дека ракавиците ги изработила наставничка од Вермонт, која била пресреќна што целиот свет зборува за нејзините ракавици.

Амбасадорот Сандерс на неговите „патувања“

Сцени од филмови дополнети со шега, досетка или дијалог, видеа од симпатични бебиња, постари луѓе, хуманитарни акции, но и булинг, навреди и провокации. Сè може да стане вирално. Посебна категорија се лажните вести што стануваат вирални. На пример, Би-би-си јавува дека актерот Вуди Харелсон, кој има два милиона следбеници на Инстаграм, објавил видео со статус дека во Кина луѓето уриваат антена за 5Г-технологија. Видеото е од протести во Хонг Конг во 2019 година.

Како вест, информација, видео или фотографија стануваат вирални? Познавачите на мрежните системи велат дека за виралност се клучни две нешта: довербата и навиките на луѓето.

Орце Петрески, ИТ-консултант, објаснува дека од технички аспект еден податок патува од неговиот извор до неговата дестинација преку одреден канал на комуникација, односно преку одреден договорен начин на комуникација (протокол).
– За да стане една информација вирална, таа мора да се движи во мрежа што се заснова на брз канал и протокол на комуникација. Исто така, т.н. топографија на мрежата придонесува за зголемување на виралноста на информацијата (број на корисници и нивни конекции). Не треба да се занемари и начинот на кој податокот е претставен. Дали е само текст или аудио, слика, видеоклип или некоја комбинација од сево ова. Класичен пример се социјалните мрежи. Toa се големи мрежи на корисници и имаат многу конекции. И работат на интернет – најбрзиот канал на комуникација на денешнината – вели Петрески.

Фото: Pixabay

Според него, големо влијание во виралноста има содржината на податокот што се шири на социјалните мрежи. Најчесто е комбинација на текст, слика, видео и затоа има големо влијание врз самиот корисник и ја зголемува неговата желба тој податок да го сподели со своите пријатели.
– Во денешно време, социјалните мрежи гледани како медиуми, полека но сигурно го преземаат приматот од традиционалните медиуми, пишаните или електронските медиуми какви што се телевизијата и радиото. Различни социјални мрежи се различно влијателни во однос на демографијата на нивните корисници. Така, Инстаграм, Тик-ток се главни мрежи кај младите, Фејсбук – за постарите и слично. Меѓутоа и тука важат стандардните принципи како број на корисници, број на конекции и богата содржина – додава Петрески.

На прашањето можат ли администраторите на мрежите да влијаат врз виралноста на една информација за да спречат или да поттикнат нејзино ширење, Петрески објаснува дека администраторите или одредени правни ентитети во рамките на самите социјалните мрежи имаат голема моќ во ширење или блокирање одредена информација.
– Во последно време го гледаме тоа преку борбата против лажните вести. Социјалните мрежи во борбата против лажните вести имаа дури и неколку контроверзни одлуки, како, на пример, дури и да го блокираат твитер или фејсбук-профилот на тогашниот претседател на САД, Доналд Трамп – вели Петрески.

Фото: Pixabay

Според него, виралноста на една информација значително зависи од навиките на корисниците што ја консумираат информацијата и во зависност од нејзината содржина одлучуваат дали да имаат интеракција со таа информација.
– Колку повеќе интеракции, како, на пример, „ми се допаѓа“, „сподели“ и слично, толку побрзо информацијата се шири. А како информацијата првобитно ќе дојде до одреден корисник, во последно време сè повеќе и повеќе зависи од технологии базирани на виртуелната интелигенција (ВИ). Сите тие ВИ базирани алгоритми одлучуваат која вест ќе дојде до нас и кога. Во интерес на социјалната мрежа е секогаш вистинската информација да дојде до вистинските корисници во вистинско време. Ако тие услови се исполнат, веројатноста таа информација да стане вирална е многу голема – завршува Петрески.

На 21 декември 2012 година спотот „Гангам стајл“ на јужнокорејскиот пејач Псај стана првото видео на „Јутјуб“ со 1 милијарда прегледи. Овој феномен беше доволна провокација за да почнат научниците да истражуваат како видеото стана вирално. Тие ја проучувале социјалната мрежа Твитер за да откријат како се поврзуваат луѓето, какви заедници создаваат, како информацијата се шири преку човечки контакт. Научниците утврдиле дека социјалниот вирус се шири исто како и биолошки вирус – треба физички да се пренесе. Ширењето било најбрзо преку мас-медиумите.

 

Сподели