Стоби – фасцинантна инспирација за романот „Бахус“ на Сашо Кузмановски

„Секој автор си има свој принцип на работа. Мојата идеја беше водена од сознанието дека малкумина од авторите на крими-трилери во Македонија пишуваат на тема поврзана со нашево поднебје или барем се случува во нашата околина. Тргнав со мислата да направам нешто што би се случувало овде кај нас, а сепак темите да звучат реално и во нашите услови“, рече авторот Сашо Кузмановски на промоцијата на романот „Бахус“ што се одржа во книжарница на „Литература.мк“ во трговскиот центар „Дајмонд мол“ во Скопје. Романот го промовираше Бисера Бендевска, уредничка во издавачката куќа „Арс Ламина“, која низ разговор со авторот го претстави неговото второ дело и продискутираа на теми поврзани со жанрот криминалистички трилер, за трендовите во светот и кај нас, за перспективите на македонските писатели на трилери и за пробивот надвор од границите на државата.

„Бахус“ е независен втор дел од предвидената трилогија на Кузмановски, во која централен лик е полицискиот инспектор Јован Ингилизов-Џовани. Станува збор за исклучително интелигентен, аналитичен и реалистичен трилер, поткован со знаења за антиката и за ритуалите што се практикувале во античкиот град Стоби, за окултизмот и псевдонауката, кои вкомпонирани во нашиот контекст, прават еден мајсторски и претставителен криминалистички роман, податлив и за екранизација.

– Многу ме интересираше локалитетот Стоби како една фасцинантна локација со богата историја, а кога почнав да копам по фактите, стигнав до приказни што ми се видоа податливи за во книга. И на сето тоа му додадов една фикциска „реалност“, за да изгледа во стилот на новите, модерни крими-трилери што денес главно ги гледаме на екраните во играни филмови или ТВ-серии, иако се надевам дека има многу повеќе луѓе кои сакаат и читателски да ги проследат ваквите приказни. Откако ќе ја заокружам трилогијата со постојните ликови, сакам да се обидам во поджанрот историски трилер – рече Кузмановски.

Зборувајќи за „натпреварот“ помеѓу македонските крими-романи и преводните романи од овој жанр што ги има во изобилство во Македонија, и за можноста на домашните автори и нивните дела да излезат од границите на државата, Кузмановски вели:

– За да можат македонските крими-романи да ги надминат физичките граници на државата, прво треба да ги видиме во внатрешните граници. Предност е за македонските читатели да читаат романи чиишто дејства се сместени во нашата средина, затоа што секој сака да прочита нешто што е во рамките на она што го опкружува. Приказните што се случуваат некаде далеку, нормално е да звучат поегзотично и да бидат попривлечни. А истовремено, да напишеш приказна што се случува кај нас е многу потешка задача, затоа што приказната е лесно проверлива и на авторот му е потешко да си игра со читателот за нешта што тој ги живее: објекти, улици, места, луѓе, ситуации… Тешко е да бидеш реален во ваква ситуација.

Романот „Бахус“ е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

Сподели