Со заем од 20 милиони евра и грант од 5 милиони евра почна реновирањето на студентските домови во Македонија

Со заем од Германската развојна банка (KfW) од 20 милиони евра и грант од 5 милиони евра преку Програмата за регионална енергетска ефикасност за Западен Балкан на Европската Унија почна реконструкцијата на студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“ во центарот на Скопје. Активностите ги споревдува австриската компанија „Штрабаг“, како најповолен понудувач на меѓународниот тендер, со која на почетокот на годината Министерството за образование и наука потпиша договор. За 18 месеци објектот ќе добие подобрена одржливост, ќе биде енергетски ефикасен што значи ќе придонесе за почиста животна средина, но и ќе обезбеди финансиски заштеди.

Според МОН, ова е прва фаза од проектот за енергетски ефикасна рехабилитација на државните студентски домови во Македонија. Наскоро ќе започне и реконструкцијата на „Стив Наумов“ во Скопје, а потоа, во следните две фази ќе се реконструираат уште 7 други студентски домови во Скопје, Прилеп, Битола, Штип и Охрид.

Предвидена е промена на водоводната инсталација, отстранување на причините за појава на влага во објектите, промена на комплетната електрична инсталација и поставување на енергетски ефикасни LED светилки, промена на инсталацијата за греење, комплетна промена на санитаријата, изработка на енергетски ефикасни фасади на објектите, поставување на фотоволтаици за производство на електрична енергија, а ќе се опремуваат и соби за студенти со попречености.

Фото: МОН

Сподели