Производи од југот на Македонија викендов беа претставени во Хрватска, во рамките на еден од најреномираните светски фестивали за традиционален фолклор „Ѓаковачки везови“. На фестивалот беше претставена Општина Богданци и дел од локалните брендови по кои е препознатлив овој регион. Наталија Поповска, директорка на Културно – информативниот центар во Загреб објаснува дека градот Ѓаково и овој фестивал имаат посебно значење во градењето на македонско-хрватското пријателство.

– Фестивалот „Ѓаковачки везови“ е одличен пример дека тие врски имаат континуитет и се пример за искреност, доверба и заедничка борба за универзални хуманистички и цивилизациски вредности. Поврзани сме со културната дејност на браќата Миладиновци и печатење на Зборникот на народни песни, кој претставува ризница на македонскиот фолклор, а постои благодарение на хрватскиот бискуп, хуманист и просветител Јосип Јурај Штросмаер. Од поновата историја вредно е да се спомене и спомен обележјето на македонските борци во Будровци (во околината на Ѓаково), кои учествувале во ослободувањето на Хрватска од фашистичкиот окупатор – вели Поповска.
На фестивалот беа презентирани сокот од калинка АРТ Џус, крафт ракијата Гордион Амбер, земјоделските производи „Хортена“ и брендот „Персимон“. На настанот присуствувашe и градоначалникот на Општина Богданци, Блаже Шапов.

– Оваа соработка со Општина Ѓаково има огромно значење за нас, не само како општина, туку и како регион и држава, бидејќи овозможува повеќекратни придобивки и заемна корист за бизнис-секторот, но и за граѓаните воопшто. Разговаравме за поддршка на социјалниот развој и размена на искуства меѓу двете општини, потоа за економска соработка со акцент на малите и средните претпријатија и за поттикнување заеднички инвестиции. Исто така, како важен сегмент го споменавме зачувувањето на културно-историското наследство на општините и поттикнување на развојот на спортот и туризмот – рече Шапов.

Како една од точките на поврзување со најдолга традиција е Графичката работилница Софија, на која веќе 16 години редовно учествуваат млади уметници од ликовните академии во Хрватска. Софија Семенпеева од маркетинг агенција „Ефектива“ која беше одговорна за промоција и афирмација на македонските брендови истакна дека со заложбите и активностите се отвораат врати домашните брендови да бидат поприсутни на хрватскиот пазар.





