Со „Стела“ и кратки филмови за деца почнува „Преку езерото“ во Дојран

Со анимирани филмови за деца синхронизирани на македонски јазик вечерва во 20 часот во Дојран ќе започна 3. фестивал „Преку езерото“. Фестивалот и годинава обрнува внимание на програмата за деца која ќе се одвива на отворено. Годинава „Преку езерото“ се организира со своја програма и во Гевгелија, Валандово и во Богданци.

Официјалното отворање ќе биде на 9 август со доделување на наградата „Мето Јовановски“ на актерот Владо Јовановски, како и проекција на филмот „Руски конзул“, последниот филм на Мето Јовановски.

Со проекции на пет долгометражни филма, од кои четири играни и еден документарен, фестивалот, кој е единствен од ваков вид во Македонија, ќе понуди програма за сечиј вкус, на отворено, на брегот на Дојранското Езеро.

Фестивалот веќе прераснува во етаблиран фестивал на балкански и на медитерански филм, во кој се разработуваат теми што го карактеризираат духот на Медитеранот, културата, уметноста и традицијата на медитеранските земји. Основната идеја на фестивалот од оваа година ќе биде негова регионализација, односно тој да стане фестивал на градовите од југоистокот на Македонија, како и вмрежување на културата и уметноста заедно со туризмот. Имаме прекрасни духовни, културни и цивилизациски вредности и време е да се научиме како да им ги понудиме тие вредности на туристите што го посетуваат овој регион – објаснува иницијаторот на фестивалот, режисер и продуцент, Јани Бојаџи.

Повеќе за програмата, на следниот ЛИНК.

Сподели