Претставата „Разнесени“ во режија на Тамара Стојаноска ќе биде изведена вечерва во 20 часот хуманитарно на Железничка. Приходите од претставата ќе бидат употребени за помош на настраданите од катастрофалните земјотреси во Турција. „Разнесени“ е дел од роденденскиот репертоар на независниот театар „Златен Елец“ од Скопје, а ќе се игра и на 25 и 26 февруари.
Секоја недела во „Јавна соба“ во 14 часот се игра претставата за деца „Тајната книга на дедо“. Дуодрамата „Грета“ ќе гостува во Македонска Каменица и во Кавадарци, монодрамата „Куќа на духови“ се игра во Социјален центар „Дуња“ на 19 февруари. На 28-ми ќе следува изведба на претставата „Кенди“, а претходно овој месец детската претстава ја виде најмладата публика во Гевгелија.
Независното уметничко здружение за театар слави три години постоење. Оттаму велат дека и понатаму ќе бидат дел од секој град во државата и ќе има место за самостојните и невработените уметници што го бараат својот пат со професијата. До сега успешно соработувале со многу невработени актери,режисери, сликари и други уметници.
– Во време на криза, ниски буџети, одбиени проекти, зголемен број невработени уметници кои со години веќе чекаат да влезат и да работат во државните институции, што во последно време ретко се случува да биде и хонорарно, во време кога од ден на ден животот се менува, а ние немаме можности, како здружение се трудиме да ја оствариме мисијата на независниот театар „Златен Елец“. Буквално, во овие три години покажавме ентузијазам од кој и не заработивме многу, но не беше и најважно, за жал или „за среќа” заради немање на комплетна поддршка со поголем буџет од државата, ние речиси во целост ја оправдавме независноста, воопшто. Во три години постоење, Министерството за култура одобри само еден проект на име на независниот театар „Златен Елец“, што го покажува фактот колку министерството го следи успехот на младите уметници кај нас. Напротив сите овие случувања, како чудо некое, поривот и желбата за нашите проекти и планови постојано расте, еве месецов славиме три години постоење – велат од „Златен Елец“.
Актерите Надица Петрова и Бобан Алексоски се главните основачи на овој независен театар, една од поставените цели на овој театар е да има место за невработените уметници и заедно да одат кон целта на остварувањето со својата професија креирајќи проект кој ќе живее долго заедно со публиката.





