В среда (20 октомври) во 18 часот, во Уметничката галерија во Тетово тој ќе одбележи 50 години ликовно творештво

„Мојата прва самостојна изложба ја имав во оваа галерија во далечната 1971 година, две години по завршувањето на Педагошката академија во Скопје. Со парите од тие слики заминав во Париз да го видам центарот на светската уметност и да научам нешто“, ја почнува својата професионална уметничка приказна академскиот сликар Александар В. Настески. В среда во 18 часот, во Уметничката галерија во Тетово тој ќе одбележи 50 години ликовно творештво. Надоврзувајќи се на патувањето во Париз, раскажува:

– Потоа потрошив уште пет години на Академијата во Белград, да доучам уште малку. Почнаа да се редат изложби во земјава и во странство, но се редеа и годините. И така, лека полека стигнав до мојот јубилеј 50 години ликовно творештво и пак со изложба во оваа галерија! Важно ми беше да сликам, годините да ги исполнам со творештво, а во тоа најмногу ми помогнаа моите сораѓани за што сум им многу благодарен. Првиот опус му го посветив на мојот град Тетово сликајќи ги неговите питорескни улици, маала, Два бреста, Колтук, тетовските свадби и капии како и пејзажи од величествената Шара – вели Настески.

Вториот циклус го почнал со минијатури. Вели дека тоа всушност биле слики од мал формат со теми од митологијата, историјата и еротиката, кои подоцна прераснале во големи формати.
– Со овие слики учествував на две изложби во Париз и во Кањ-сир-Мер во Франција. Сликите беа со наслови: Големите Дионизии, Салома, Небо и земја и беа исполнети со брановидна вибрациска сила и со големи контрасти – раскажува сликарот.

Следеле слики со ангажирана примеса и со историски, културолошки и психолошки содржини, со експресивно обликувани ликови и форми и со голема динамичност во композицијата. Со нив сакал да го прикаже суровиот, неправеден и тегобен свет, крикот на природата, човекот и животот исполнет со војни, болести, пандемии, глад, сиромаштија, уништувања, загадувања на Земјата, но и со неговото непомирување со оваа стварност.

– Пред пет години се запознав со античките митови за постанокот на светот како и со античкото македонско сликарство од кралските гробници во Пела и Кутлеш. Тоа ми остави длабок впечаток и ме инспираше за најнови слики. Циклусот го нареков Македонија-Ера на кладенките-Менадите. Во исто време ги пронајдов и неверојатните праисториски гравири со една голема Ѕвезда и поголем број помали ѕвезди околу неа – вистинско ѕвездено небо, а лево и десно по една купула како симболи за Сонцето и Месечината. Овие гравири ни кажуваат дека нашите предци од преисторијата биле загледани во небото и со стравопочит го следеле тој непрекинат деноноќен спектакл и се обраќале кон небото со надеж дека секогаш ќе бидат тука Ѕвездите, Сонцето и Месечината од кои добивале светлина и топлина неопходна за нивниот опстанок – објаснува Настески.

Александар В. Настески е роден во 1948 година во селото Зубовце, Гостиварско. Педагошка академија завршил во Скопје во 1968 година, а Академија за применета уметност во Белград во 1977 година. Истата година се зачленил во Друштвото на ликовните уметници на Македонија. Членува и во Здружението на ликовни уметници на Тетово. Редовно изложува свои дела со двете асоцијации. Досега реализирал 33 самостојни изложби во земјава и странство и учествувал на меѓународни изложби во странство – во Франција и Италија, а учествувал и на меѓународни симпозиуми.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.