Со неописливи впечатоци се вративме од Виена! Златен медал за хорот „Мирче Ацев“ и маестра Јасмина Каро на светски натпревар

На затворањето на фестивалот на 21 јули во познатата концертна сала на Виенската филхармонија прозвучија македонски хорски композиции што ја одушевија публиката.

Во годината кога одбележува 75 години постоење, академскиот хор „Мирче Ацев“ од Скопје, под раководство на маестра Јасмина Каро, ја освои златната награда на 13. Светски мировен хорски фестивал (World Peace Choral Festival), што се одржа во Виена. Ова е прв македонски хор што воопшто настапил во живо во славната Музикферајн, златната сала каде што секој 1 јануари се свири познатиот Виенски концерт. Хорот доби уште една награда – за најдобра изведба на композиција од периодот на класицизмот.

Фестивалот се одржа од 18 до 22 јули, а учествуваа 1500 хористи од целиот свет.

Со хорот „Мирче Ацев“ веќе десет години работи маестра Јасмина Ѓорѓеска-Каро. Таа ни раскажува за исклучителното искуство. На свеченото отворање во зградата на собранието Ратхаус секој хор бил најавен и бил претставен со своја програма пред останатите учесници и жирито.

– За време на фестивалските денови имаше базар на кој секој хорист учествуваше со сувенир со белег од земјата од која доаѓа. Собраните пари се донираа за децата под заштита на УНИЦЕФ. Наредниот ден имавме три настапи во текот на денот. Претпладнето пеевме во зградата на ООН, потоа во еден старачки дом само нашиот хор одржа едночасовен концерт, што за мене има посебно значење, токму поради тоа што старите лица беа презадоволни и пресреќни и немаа зборови да ја изразат среќата што сме ги удостоиле со звуците на нашиот навистина интересен разнолик репертоар. Вечерта ја завршивме со настап во мултимедијалниот центар Куќата на Штраус, каде преполната сала ја дигнавме на нозе испратени од сцената со бурни овации. Имав прилика од страна на организаторите да ја затворам вечерта диригирајќи ја химната на фестивалот со сите хорови – раскажува маестра Каро.

Нивниот натпревар се реализира на третиот ден во концертната сала Wiener Sängerknaben / Виенскиот машки хор. Натпреварот бил од затворен карактер со шестчлено жири составено од познати музичари, композитори, универзитетски професори, диригенти од различни земји.

– Сите хорови имавме до 15 минути за настап и тоа со задолжителни претходни барања од фестивалот. Настапивме со дело од европскиот класицизам, задолжително дело, дело по слободен избор, дело со џез аранжман или класично современо дело од 21 век. Имавме солиден настап, но како нè оцени жирито не можевме да знаеме, поради нивната професионалност и сериозен пристап и израз – раскажува диригентката.

Истиот ден имале настап во прекрасниот амбиент на катедралата Votivkirche. Уживале во настапот во кој извеле композиции со духовна тематика кои звучеле преубаво во црквата поради специфичната акустика што ја даваат овие објекти.

– На затворањето на фестивалот на 21 јули во познатата концертна сала на Виенската филхармонија прозвучија македонски хорски композиции што ја одушевија публиката. Пред Гала концертот имавме прилика да го проследиме концертот на светската хорска атракција Vienna Choir Boys. На крај сите хорови ја испеавме химната на фестивалот Coming for singing – споделува Каро.

Како круна на целиот ангажман дошле резултатите од натпреварот кои се доделија по завршување на гала концертот во „Музикферајн“. Академскиот хор Мирче Ацев освои златна награда (Golden Award) и награда за најдобра изведба на композиција од периодот на класицизмот.

-По полноќ завчера се вративме во Скопје во Македонија уморни, но пресреќни, презадоволни со неописливи впечатоци од доживувањата и импресиите од Виена – пресреќна ни раскажа Каро.

Сподели