Отпатува Медо. Мојот идол од детството, чичко, нашиот пријател, другар, соработник, ревносен филмски прoфесионалец, рече неговиот внук, режисерот Вардан Тозија

Со култната песна „My way“ од Френк Синатра, семејството, роднините и пријателите, филмскиот свет денеска се прости со Горјан Тозија. Медо, како што го знаеја сите, почина вчера по кратко боледување. На комеморацијата во Кинотеката на Македонија повеќето од присутните сè уште во шок и неверување го испратија со едноминутен молк, но и со аплауз. Тозија имаше 67 години.

– Отпатува Медо. Мојот идол од детството, чичко, нашиот пријател, другар, соработник, ревносен филмски прфесионалец, искрено човечен, градски лик со сите свои нескриени, многу транспарентни доблести и мани – рече неговиот внук, режисерот Вардан Тозија.

Вардан Тозија

Филмската киртичарка Ана Василевска рече дека Тозија секогаш на истиот начин се радувал за секој успех, беспоштедно, храбро, мотивирајќи ги сите, особено младите.

– Негова најголема желба беше македонскиот филм да излезе од границите. А за него граници не постоеја, немаше препреки. Често кажуваше анегдоти. Многу ликови во Холивуд, за нас далечни и недостижни, нему му беа соработници и другари. Сие оние кои го познавале и имале можност да соработуваат со него, сигурно не можат да останат рамнодушни – рече Василевска.

Режисерот Игор Иванов-Изи, претседател на Друштвото на филмските работници истакна дека неговиот живот бил една многу комплексна драматургија која многу тешко може да се прикаже на филм.

Тозија беше филмски продуцент, поранешен државен секретар во Министерството за култура и советник во Kабинетот на претседателот Бранко Црвенковски, претседател на Друштвото на филмски работници (ДФРМ) и раководеше со продуцентската куќа „Вардар филм“. Од 2017 до 2020 година беше директор на Агенцијата за филм. Горјан Тозија потпиша повеќе од 50 филмски и телевизиски проекти како продуцент, меѓу кои „Ослободувањето на Скопје“ (2016), „Трето полувреме“ (2012), „Ливада“ (1998), „Џипси Меџик“ (1997), „Преку езерото“ (1997), „Undercover“ (1991), „Sidney Sheldon’s Memories of Midnight“ (1991), „The Forgotten“ (1989), „A time of destiny“ (1988), како и „Пред дождот“ кој доби номинација за Оскар во 1994.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.