Со конференцијата „Стратегии во уметноста“ почнува 15. сезона на „Креативен викенд“

„Стратегии во уметноста“ е насловот на конференцијата во рамките на 15. сезона на уметничката резиденција „Креативен викенд“ во Лазарополе која вечерва во 19 часот ќе биде најавена во „Котур“. Од денеска до 22 мај на различни локации во Скопје ќе се одржуваат различни настави. Во „Котур“ вечерва ќе зборуваат Владимир Мартиновски, Тони Димитров, Јован Ламбески, Живко Грозданоски, Сали Ертунц и Елена Пренџова. Следува диџеј настап на Александар Ордев и Балтик.

– Целта на конференција се да се види кој со што придонесува за уметничката сцена, да се укаже на слабостите и можните решенија, да се проговори за тоа што недостасува и како би можела да се подобри инфраструктурата која што им овозможува на уметниците подобар амбиент за нивното творење и поддршка на промоција на нивните дела во Македонија и надвор од неа. Учесниците на оваа конференција го комбинираат искуството со младоста – велат организаторите.

Во наредните денови своите аргументи и идеи ќе ги споделат професорите и предавачите од Филолошки факултет, Факултетот за драмски уметности и Факултетот за ликовна уметност, како и нивните студенти. Ќе учествуваат издавачите „Темплум“ и „Илика“, музичари со многу отсвирени концерти, како Филип Букуршлиев и Добрила и Дориан, но и талентираните „Алембик“, „Local Blue“ и „Намуз“ (Андреј Татарчевски и Кристијан Новковски). Друга битна карактеристика на содржината на програмата е присуството на независни и самоодржливи колективи, како што се „Партизанска штампа“, КСП „Центар-Јадро“ и „Кула“, од една, и претставници на институции и здруженија како ДЛУМ, Национална галерија, МСУ, Кинотека, Фото сојуз на Македонија, од друга страна. Покрај тоа, ќе стане збор и за новите простори како „Лабораториум“, „Аудиокултура“ и други.

За своите искуства ќе нè информираат претставниците и учесниците на фестивалите „Стрип-трип“, „Графити фест“, Флип бук“ и „Македокс“, фестивалот за фотографија „Зрно“, фестивалот Синестетика“, театарот „Сенки и облаци“, и колективите „Гола планина“, „Отров“ и „Аксиома“. Од в година во фестивалот ќе бидат вклучени танцот, дизајнот, модата.

Програмата ќе се одржува од 15 до 22 мај во „Котур“, „Илика“, СЦ „Дуња“, „Ла Кања“, „Монтажна галерија“, „Буква“, „Бруталиск“ и „P INN“ (Стара скопска чаршија).

– Пред 15 години во селото Лазарополе е основана неформалната уметничка резиденција „Креативен викенд“ која ги отвори вратите за уметниците и стана пример за мултимедијална рурална уметничка резиденција. Главната идеја на оваа резиденција е да обезбеди комуникација помеѓу уметниците и да им овозможи да творат во природна и рурална средина со релаксирачки амбиент, со акцент на импровизација и експериментирање на уметничките форми – велат организаторите.

,,Креативен викенд“ е културно-уметничка платформа за комуникација и соработка помеѓу уметниците од македонската сцена и уметниците од странските уметнички сцени и се одржува во уметничката резиденција во село Лазарополе, во периодот од мај до октомври. „Креативен викенд“ беше дом на познати уметници од Македонија, но и од Германија, Италија, Франција, Јапонија, Бразил, Шведска, Холандија, САД, Шпанија, Мексико, Австрија, Велика Британија, Полска, како и од земјите од регионот.

Сподели