На пациото пред Заводот и музеј во Битола вечерва во 21 часот со солистички концерт на Кокан Димушевски ќе почне 19. издание на Балканскиот етно-фјужн фестивал „Локум фест – музика и традиција 2025“. Фестивалот е една од ретките манифестации со јавен карактер, се одржува на јавни простори, бесплатно. „Локум фест“ ја спојува традиционалната градска музика со fusion & world music и зад себе има преку 110 реализирани концерти на ансамбли од Македонија, Балканот и од светот, а се одржува на културно-историски локации промовирајќи ги како сцена. Годинашното мото на фестивалот е „Наследството како сцена“.
Никола Кокан Димушевски (Скопје, 1958) е клавијатурист, аранжер, композитор и продуцент. Кариерата ја започнал како клавијатурист на групата „Леб и сол“, а има напишано над 200 аранжмани за различни автори и изведувачи во Македонија и во Европа. Автор е на музика за многу театарски претстави во Европа и во САД. Создавал музика (аудиодизајн) за повеќе радио и ТВ станици. Одржал над 1.000 концерти во целиот свет. Соработувал со „Јамаха“ и „Радио Франс Интернационал“.
– Инспирацијата за „Локум фест“ доаѓа од живото културно наследство на некогашна конзулска Битола, која била важен воено-економски центар и цивилизациска крстосница, дом на бројни етноси и амалгам на култури, каде се вкрстувале византиската, ориенталната, сефардската и европската култура. Сето тоа резултираше со неверојатно богатство на музички влијанија, обичаи, архитектура – велат организаторите.
За прв пат паралелно со Битола, „Локум фест“ ќе се случува и во Скопје. Во соработка со „Јавна соба“ задутре ќе настапи грчката група Reggetiko project и Русите Vedan Kolod, под мотото „Однадвор кон центарот“. Следната година ќе бидат одбележани 20 години „Локум фест“, а фестивалот ќе се дисперзира на неколку автентични локации во Македонија и регионот.
Фестивалот е финансиран од Министерство за култура и туризам и Општина Битола, а се одржува во рамките на „Битфест 2025“.





