Изложба на дигитални цртежи „Сенката на звукот“ од Владимир Мартиновски ќе биде отворена вечерва во 19 часот во Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј во Струмица. Ова е негива трета изложба од овој циклус, а се состои од 12 цртежи (дигитален принт) кои тематски ја поврзуваат музиката, поезијата и ликовниот израз на Мартиновски.
Изложбата се организира во рамките на 14. издание на поетската манифестација „100 илјади поети за промена“ што го организира Здружението за развој на културата и заштита на културното наследство „Контекст-Струмица“. На конкурсот годинава се пријавиле повеќе од 200 учесници.
– Под влијание на музичките фестивали кои редовно ги посетува, Мартиновски најде инспирација неговите емоции, чувства и размисли визуелно да ги изрази преку создавањето на овој циклус дела. Оваа изложба е своевидна презентација во која се вкрстуваат две негови пасии: музиката и сликарството. Дигиталните цртежи визуелно го слават чинот на музицирање, во обидот на ликовен начин да се доловат различни мелодиски и ритмички структури – велат организаторите.
По отворањето на изложбатаќе се одржи и промоција на зборникот „100 илјади поети за промена“, а следува и поетско читање на дел од застапените поети.
Владимир Мартиновски (1974, Скопје) дипломирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, каде што и магистрирал во 2001 година на тема „Интерференции меѓу македонската современа поезија и ликовните уметности“. Докторирал на Универзитетот Париз III – Sorbonne Nouvelle, на тема „Аспекти на екфразиската поезија: Ш. Бодлер, В.К. Вилијамс, С. Јаневски, В. Урошевиќ, Џ. Ешбери и И. Бонфоа“. Работи како редовен професор по предметите „Компаративни поетики“ на Катедрата за Општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Од септември 2023 година ја извршува функцијата декан на истиот факултет.
Член е на Извршниот одбор на Меѓународната асоцијација за семиотика, на Меѓународната асоцијација за компаративна книжевност, бил член на извршниот комитет на Европската мрежа за компаратистички проучувања, на Управниот одбор на СВП, на Претседателството на ДПМ, бил Претседател на Друштвото за компаративна книжевност на Македонија, како и Потпретседател на Македонскиот ПЕН. Неговата поезија е објавена на дваесетина јазици, а застапена е во голем број антологии и тематски избори.
Мартиновски се занимава и со музика. Членувал во музички проекти и изданија на: Оркестарот од изворни народни инструменти „Пеце Атанасовски“, „Калдрма“ и „Баклава“.
Манифестацијата „100 илјади поети за промена“ е поддржана од градоначалникот Костадин Костадинов и Општина Струмица.
Дизајн на плакат: Стефан Јакимовски