Проекции на околу 40 филма, презентации и промоции, креативни работилници за деца ќе се одржат на 12. издание на Фестивалот за планински филм „Ехо“ кој од денеска до петок ќе се одржи во Младинскиот културен центар. Фестивалот ќе биде отворен вечерва во 19 часот со американскиот „Со Господ напред, Полјаци“ од Адам Нерот. Следуваат италијанскиот „Матерхорн – Лавовскиот гребен“ на Алесандро Белтраме и Ерве Бармас, канадскиот „П3“ на Ден Вилан и Ронгкин Су и „Миртл Симпсон – живот на мраз“ на Ли Ен Сајдс од САД.
За наградите во повеќе натпреварувачки категории ќе одлучува тричленото жири составено од: Горан Илија Tрпчевски, Сергеј Ѓеоргиев и Алберто Ости Гераци од Италија.
Горан Илија Tрпчевски дипломирал на Факултетот за драмски уметности во Скопје, на одделот за Филмска и ТВ-камера. Магистрирал во Белград во областа на теорија на драмските уметности и медиуми. Продекан за настава е на ФДУ, а со години активно ги држи предметите Филмско и ТВ снимање и Фотографија. Голем љубител е на планините. Со алпинизам и качување на карпа се занимава од 2018 година, а од поважните искачувања го издвојува искачувањето на врвот Очњак на Проклетије, Црна Гора во Септември 2018 година, по Јужниот гребен во алпинистички стил со Благој Миленков и Данчо Марковски.

Сергеј Ѓеоргиев е филмски режисер од Скопје. Ги почнал студиите на Универзитет за аудиовизуелни уметности – Европска филмска, театарска и танцова академија ЕФТА (Скопје-Париз-Есен-Ротердам) во Скопје, а ги завршува во Франција. Работел како асистент режисер на многу македонски и неколку странски филмови.
Алберто Ости Гераци е роден во Пиза, Тоскана (Италија) во 1960 година, но живeeл во Рим до 2020 година, од кога со сопругата се преселил на село. Вегетаријанец e скоро 20 години.
Отсекогаш ја сакал природата, планинари, скија, се качува. Бил на Алпите, Пиринеите, Мароко, Балканот (Македонија и Грција), Турција. Во 1998 година станал партнер на мала издавачка куќа, Edizioni il Lupo (the Wolf editions), специјализирана за издавање на водичи на планински патеки и мапи и карти за Централна Италија.





