Со емотивен говор Семих Капланоглу им се поклони на сите соработници во филмот

Добивањето на наградата во градот на браќата Манаки, пионерите на филмот во овие краишта, за него е вистински потсетник за бесконечното патување на филмската уметност

„За мене филмот отсекогаш бил јазикот на светлината и сенките, на тишината и гласот, на сеќавањето и сништата. Затоа што уметноста е еден од најдлабоките патишта што придонесува кон духовниот развој на човечкото суштество. Како што рекол Јунус Емре, големиот поет-суфист на современиот турски јазик: ,Знаењето е да се спознаеш‘.“, рече синоќа турскиот режисер Семих Капланоглу на отворањето на 46. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола. Тој е лауреат на наградата „Златна камера 300“ за особен придонес во светската кинематографија. Во полната сала во битолскиот Центар за култура, фестивалот беше отворен со премиера на „Мајка“ во режија на Теона Стругар Митевска.

Во 21 век тешко може да се најде име како што е турскиот режисер Семи Капланоглу. Тој синоќа одржа емотивен говор пред бројната публика. Добивањето на наградата во градот на браќата Манаки, пионерите на филмот во овие краишта, за него е вистински потсетник за бесконечното патување на филмската уметност. Цитирајќи го Јунус Емре, тој дополни дека филмот нуди начини да се спознаеме себеси, едни со други и да ја спознаеме вистината.

Сами Капланоглу

– На ова патување, се поклонувам полн со благодарност кон великаните чии дела ме привлекоа кон филмот – турските режисери Метин Еркасан и Омер Љутви Акад, Бресон и Тарковски од кои ја научив вистината за филмот. На мојот покоен татко кој беше фотограф, кој како дете ме воведе во светот на Микеланџело, Вермер и Рембрант, а кога имав само девет години, ми даде 8-милиметарска камера. На мајка ми, која не само што ме водеше во длабочините на турската поезија и книжевност, туку и кон великаните како Толстој и Достоевски. Најдлабока благодарност ù должам на мојата сакана сопруга, писателката Лејла, мојата животна сопатничка, мојата светлина, која беше до мене во најтешките периоди, ми даде сила кога паднав во очај, ме поддржуваше во сите невозможни моменти, која беше моја инспирација и со која заеднички ги пишуваме нашите сценарија – рече Капланоглу.

Тој се заблагодари на сите филмски работници, кинематограферите, гаферите, главните техничари, актерите, продуцентите и копродуцентите, сите што вложуваат во филмот, сите невидливи раце што на филмот му даваат живот.
– Оваа награда е симбол на нашиот колективен труд – рече Капланоглу.

Тој ја посвети наградата за режисерката и фотографка Фатима Хасуна, која беше убиена од израелските сили.
– Ја посветувам, во нејзино име, на децата, жените и сите невини цивили во Газа кои се жртви на геноцидот – рече Капланоглу.

Наградата му ја врачи градоначалникот на Битола, Тони Коњановски кој нагласи дека градот повеќе од еден век ја негува традицијата на филмската уметност.

– Со гордост ја носиме историската оставина на браќата Манаки кои со својата камера пред 120 години ги испишаа првите страници на европската филмска историја. Токму во Битола започна патувањето на балканската кинематографија, а денес ние сме чувари и промотори на тоа наследство – рече Коњановски.

Фестивалот го прогласи за отворен претседателката, Гордана Сиљановска Давкова. Таа рече „Браќа Манаки“ е еден од највредните и најпрепознатливите битолски, македонски, но и светски културни симболи.
– Тој е уникатна сцена на која се слави снимателот како автор, креатор, тивок, но моќен градител на секоја филмска приказна – рече таа.

Димитрија Доксевски

Присутните ги поздрави директорот на фестивалот, Димитрија Доксевски. Тој рече дека она што го прави посебен овој фестивал се исклучителната селекција на филмови, луѓето кои доаѓаат, гостите, дружбите.

– Тоа е шармот, тоа е магијата на овој фестивал и никој никогаш нема да може да му го одземе. Тоа е кодот којашто ќе трае засекогаш. Тој е нашиот сон. Ние сонуваме големи платна, сонуваме големи филмови. Некои да играат, други да снимаат, трети да монтираат, да продуцираат, да режираат – рече Доксевски.

Основач не фестивалот е Друштвото на филмски работници кое годинава одбележува 75 години.
– Големи бројки се 75 години ДФРМ, 46 години „Браќа Манаки“ дури и за некои поголеми од нас. Воведовме нова награда, нешто што досега не сме го правеле. Таа се доделува во ретки случаи, понекогаш, можеби еднаш во 10 години и вечерва ќе ја добие некој што е единствен меѓу нас што 46 години не пропуштил ниту едно издание на фестивалот – рече Игор Иванов, претседател на ДФРМ.

Благоја Куновски-Дори и Томи Салковски (десно)

Наградата „Златен медал“ ја доби филмскиот критичар Благоја Куновски-Доре. Наградата му ја врачи продуцентот Томи Салковски, секретар на ДФРМ кој соработува со Куновски повеќе од 30 години. Куновски се забааодари за наградата.

– Особено ме исполнува што сум дел од овој наш фестивал кој е еден од ретките амбасадори на македонската култура. Филмовите и нивните автори сум ги доживувал како мисионери во поставувањето на еден подобар, поубав, похуман и подостоинствен свет во кој живееме – рече тој.

Синоќа беа врачени наградите на „Сумолајт“, „Креативна синергија“, востановена од минатата година и се доделува на кинематограферот и неговиот гафер. Наградата ја додели Тим Зур, основач на компанијата „Сумолајт“, а ја добија Бил Поуп и Џонатан Спенсер. Добитниците рекоа дека се почестени од признанието бидејќи е препознаена нивната работа, што досега тоа не било случај.

Екипата на „Мајка“

Фестивалот беше отворен со филмот „Мајка“, инспириран од животот на Мајка Тереза. Директор на фотографија е Виржини Сен-Мартан од Белгија. Сценографијата е на Вук Митевски, прв асистент на режија е Јане Ќортошев. Во главните улоги настапуваат светски познатите актерки Нуми Рапас и Силвија Хукс, заедно со Никола Ристановски, Лабина Митевска и други. Филмот е копродукција меѓу Македонија, Белгија, Шведска, Данска и Босна и Херцеговина. Поддржан е од Агенцијата за филм на Македонија, Креативна Европа – МЕДИА (Creative Europe – MEDIA), Данскиот филмски институт, „Belgium Tax Shelter“, Белгиската национална и регионална филмска поддршка, Белгиската национална телевизија, Шведскиот филмски фонд, шведски регионални фондови и Филмскиот фонд од Сараево.

Киро Урдин го изработи плакатот за ова издание на фестивалот. Неговата работа ги поврзува сликарството, литературата, филмот и концептуалната уметност, а фестивалот му изрази благодарност за неговата неуморна посветеност и сето негово уметничко творештво. Наградите „Златен медал“ и „Големата ѕвезда на македонскиот филм“ ги изработи компанијата „Божиновски“ од Битола.

Сподели