Со аплаузи пречекани нашите медалисти од Балканската математичка олимпијада

Со аплаузи и овации вчера пред Природно-математичкиот факултет во Скопје беше пречекана македонската репрезентација што направи историски успех на Балканската математичка олимпијада што се одржа во Анталија, Турција. Македонија го постигна досега најголемиот успех – златен медал (Никола Спировски), сребрен медал (Дамјан Давков) и четири бронзи (Јан Стојановски, Алексиј Тасиќ, Никола Цветаноски и Алек Танаскоски). Со тоа Македонија екипно се пласираше на петтото место и во официјалната конкуренција (11 држави) и во неофицијалната конкурнција (22 држави).

Од името на Сојузот на математичарите на Македонија пред присутните се обрати Ѓорги Маркоски, претседателот на сојузот кој им посака уште многу успеси на нашите математичари.

– Ова е нашата екипа што не претставуваше на Балканската математичка олимпијада, што заврши во Анталија, Турција. Досега не сме имале ваков голем успех. Им посакувам нешто слично на Меѓународната математичка олимпијада што ќе се случи во август годинава – рече Маркоски.

Олимпијадата во Анталија се одржа од 8 до 13 мај.

Сподели