Со аманетот на Крсте Петков Мисирков отворена 56. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик

Со аманетот на Крсте Петков Мисирков, дека „милоста кон народниот јазик е наш долг и наше право, а ние сме должни да го милуваме нашиот јазик, затоа што тој е наш, како што е наша и татковината“, проф. д-р Никола Јанкуловски, ректорор на Универзитетот „Св. Крил и Методиј“ во Скопје вчера ја отвори 56. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ што се одржува во Охрид.

– Без неа, заложбите и сонот на Мисирков, ама и на неговите потомци, а наши претходници, не ќе беа целосно остварени. За неа, клучна е токму оваа Летна школа – стожерот на странската македонистичка мисла – порача Јанкуловски.

Околу 70 семинаристи од 18 земји од светот учествуваат на летната школа што ќе трае до 31 август. Јанкуловски посочи годинава има семинаристи и од НР Кина каде веќе се одвива настава по македонски јазик. Лани за првпат беше избран лектор и се прави сè Лекторатот да започне забрзан развој. Повторно има семинаристи и од САД, Јужна Кореја и Италија, од Турција и од Албанија, каде е зајакната иницијативата за повторно отворање Лекторат по македонски јазик во Тирана.

Проф. д-р Никола Јанкуловски

– По 2-3 години се вратија и семинаристи од Романија, на школата има учесник и од Украина и се зголемува интересот за изучување на македонскиот јазик од семинаристи од Грција. А тука се и семинаристи од земји од кои традиционално, без прекин има учесници на Летната школа: Франција, Полска, Словачка, Унгарија, Словенија, Хрватска, Србија, Руската Федерација, Чешката Република. Секој од вас кој е подготвен македонскиот збор, мисла и вистина да ги пренесува во својата матична културна средина и низ светот е од исклучителна важност. И оние кои сте веќе со децении или години посветени на македонистиката, вклучително и универзитетски професори, истражувачи и докажани преведувачи кои и при исклучитлни предизвици останавте доследни на ставовите за македонистиката и меѓународно ги афирмиравте. И оние кои сте од новите генерации странски македонити и сте на почетното или средното рамниште на познавање на македонскиот јазик, затоа што вие сте иднината – им порача Јанкуловски на семинаристите.

Директорката на Семинарот, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска посочи дека афирмацијата за посебноста на македонскиот јазик и на македонската литература, била причина да се почне со организација на оваа Летна школа.
– Неспорно, тој факт веќе одамна е афирмиран низ светот и Мисирковите идеали веќе се остварени – рече Мојсова-Чепишевска.

Проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска

Таа цитираше стихови на Ацо Шопов: „Од врвот на светот ја здогледав и препознав мојата земја / распарчена и разграбена од темни братоубиствени војни, / од туѓи желби и посегања да ја присвојат за себе. / Само здивот на едниот нејзин дел / се извишува високо до непознати небеса / и како пролетен ветар од Шара / го заплиснува убавиот Пирин на Јане / и го разбранува синиот Егеј потемнет од мака…“

– Искрено се надеваме дека на оваа Летна школа, не само што ќе ја препознаете и што подобро ќе ја запознаете, туку уште повеќе и ќе се приврзете за нашата земја, со продлабочени знаења за македонскиот јазик, литература и култура – рече Мојсова-Чепишевска.

На отворањето на Школата беше промовиран и зборникот со предавња од минатогодишното издание на Летната школа, а промоторка беше проф. д-р Гордана Алексова, долгогодишна лекторка на школите на Семинарот.

И денеска семинаристите ќе следат лекторска настава. Покрај наставата, во текот на Школата се предвидени и промоции на книги, учества на семинаристите на културни манифестации итн. Летната школа се одржува со финансиска поддршка од Министерството за култура, а дел од програмските активности со поддршка од Општина Охрид.

Сподели