На прашањето: Што го прави еден актер, вистински актер? – Снежана Стамеска ќе одговори: Тоа што го прави човек: да се оправдаш себе пред себе, а после и пред другите, своите желби, мисли, постапки. Само така ќе излезеш пред сите оние кои
различно мислат и сите ќе ги лапнеш. Тоа е занаетот. Нема лажење. Гледај ги, сакај ги луѓето. Има многучудни приказни на лицата. Сочувај ги во некоја фиока, еден ден ќе ти се најдат – потсети денеска на зборовите на македонската актерка, нејзиниот колега Роберт Вељановски, за време на комеморацијата во нејзина чест во Драмски театар. Актери, режисери, почитувачи на нејзиното дело дојдоа да и оддадат почит.
Таа умееше да го одигра недофатливото: енергија, опасност или среќа што доаѓаат од некаде, а само нејзиниот лик, во нејзина интерпретација, го чувствува тоа, го предосеќа и предвреме се плаши, го тажи или се радува скриено… Со сето мое искуство не би умеел да го опишам попрецизно нејзиниот внатрешен тек, играњето на неодигривото, но можам овде да ја споделам мојата огромната возбуда секогаш кога имав можност да работам со неа, и да уживам во патувањето во непознато, во нејзиниот особен свет на разбирање и толкување на нештата. Во емоционалното доживување како подготовка на уште неслученото, рече режисерот Слободан Унковски.
Порака прати и српската актерка Светлана Бојковиќ, која заедно со Стамеска студирале заедно на Академија во Белград.
– Уште од студентски денови имав впечаток дека Снешка е позрела од сите нас и во глумата и во животот. И денес мислам дека не погрешив, зашто сите ние во Белград бевме удобно сместени кај своите, а каде и како таа живееше скоро и да не ја прашувавме, ниту пак таа зборуваше за тоа. Причиниата за тоа беа и нашите младелачки себични години, во кои во кои сите бевме опкружени со една тема – како да станеме што подобри и вистински глумци. Снешка секогаш беше постојана, цврста и храбра и што е многу важно – талентирана! Беше посветен другар. Кога се врати во Скопје, знам дека направи убава и уметнички богата кариера што нејзиниот дар и го заслужи.
По низа години се сретнавме, веќе како зрели актерки и мајки на ќерки и убаво се поприкажавме и за глума, а овој пат и за животот, зашто зад нас веќе имавме сериозно животно искуство. И после таа средба, ми се потврди мојот прв впечаток за Снешка. Веста за нејзиното заминување длабоко ме растажи. Иако не се гледавме, родени во една земја која веќе ја нема, а влеговме во трето доба од животот во различни држави, препознавањето и блискоста остануваат засекогаш. – Светлана Бојковиќ.
Ова се наградите што Стамеска ги има освоено во своето богато актерско искуство:
Златен ловоров венец за најдобро актерско остварување на Фестивалот Мали и експериментални сцени (МЕСС) за улогата на Лица во претставата Ослободување на Скопје (Сараево, 1979); Награда за актерско остварување на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ за улогата на Вера во претставата Среќна Нова ’49 (Прилеп, 1985); Награда за најдобро актерско остварување на ревијата Екран за улогата на Зоја во претставата „Зојкиниот стан“ (1987); Награда на Фестивалот Стериино позорје за најдобро актерско остварување за улогата на Мица во претставата „Сили во воздухот“ (Нови Сад, 1989); Награда за најдобро актерско остварување на ревијата „Екран“ за улогата на Ана Петровна Војницева во претставата „Платонов“ (2000); Награда „11 Октомври“ (Скопје, 2002); Награда „Климент Охридски“ (Скопје, 2005).