Три изведби на расказите на Румена Бужаровска „Мојот маж“ на Југословенско драмско позориште Словенско народно гледалишче, Љубљана и на Драмскиот театар од Скопје ќе бидат дел од програмата на 46. Млад отворен театар. Трите режисерки Јована Томиќ, Ивана Ѓилас и Нела Витошевиќ за прв пат ќе имаат можност да се сретнат на панел-дискусија во рамки на МОТ, најавуваат организаторите.

Годинава МОТ ќе се реализира во два блока – од 18 до 26 ноември и од 2 до 7 декември, со изведби во живот. Вкупно 26 претстави ќе гостуваат.

– Ова издание на МОТ е особен предизвик бидејќи се обидуваме да го зачуваме духот на еден од најстарите меѓународни театарски фестивал во регионот, во овие несигурни времиња, кога многу фестивали се принудени да ги откажуваат своите активности, а самите театри се борат да ги одржуваат своите редовни репертоари. Ние одлучивме храбро да го правиме 46. МОТ и тоа во два блока, првиот посветен на меѓународна програма во која ни гостуваат претстави од Австрија, Словенија, Бугарија, Турција, Србија и Хрватска и вториот – на домашната независна продукција – изјави Русе Арсов во име на тимот на МКЦ.

На отворањето во Македонскиот народен театар ќе биде изведена „Како крајот и да не е сосема блиску“ – екпериментална претстава на Битеф театар инспирирана од суптилните поместувања на светот, односите и човечката интеракција во дигиталната реалност. Претстава во која нема актери, а публиката може да биде изведувач, гледач и да го бира аголот на гледање.

„Битеф“ ќе го отвори фестивалот на 18 ноември

Во рамките на првиот блок публиката ќе може да види три продукции курирани од нашите долгогодишни соработници „Локомотива“ – Центарот за нови иницијативи во уметноста и културата, како и Скопје танцовиот театар со „Искричаво“, Турскиот театар „Вишновата градина“ и копродукциите на МНТ со претставите на Ѓорѓи Јолевски „Последната лента на Крап“ и македонската премиера на „Нема да биде крај на светот“ – копродукциски проект со САРТР од Сараево, БиХ, во режија на Нина Николиќ.

На МОТ ќе гостува и ансамблот на театарот „Војдан Чернодрински“ од Прилеп со „Глембаеви“ на Бранко Брезовац и Народен театар Битола и претставата „History of Motherfuckers“ на Андраш Урбан.

Сцена од „Модиљани“

МОТ ќе биде домаќин и на австриската продукција „Theater am Lend“ со претставата „Кабли“, во која учествуваат и двајца македонски автори – Ивица Димитријевиќ и Јане Трајковски, а при крај на првиот блок, ќе гостува и Словенско младинско гледалишче со „Уметноста е ормар“ во режија на Иван Петернељ.

Во вториот дел на програмата ќе бидат: „Дневна доза мазохизам“ на Лука Кортина, „Модиљани“ на Сибел Абдиу, „Срам“ во режија на Ангела Стојановска, „Вистинскиот запад“ на Борис Василески,  „Работи за кои не зборуваме“ на Витошевиќ, „Три“ на Јован Ристовски, „Шапка, анус, чоколадо и уште нешто“ на Ана Батева, „Пандорината кутија: Наследството на ќерката  на Ришард Ниечим, „Мајсторот за спомени“ на Јане Спасиќ, „ПодГотвено“ на Дејан Спасовиќ, „Имагинарен, ти“ на Блерим Дардишта и „Јовано, Јованке“ на Јована Зајкова и Бобан Русески.

„Млад отворен театар“ ќе се случува на шест сцени, Младински културен центар, Драмски театар, Театар Комедија, МНТ и Дом на АРМ.

Повеќе информации за целата програма и распоред на www.mkc.mk. Билетите за претставите изнесуваат 300 денари. Истите ќе бидат достапни преку www.bileti.mkc.mk и на билетарница во МКЦ од 15 ноември (понеделник).

Сите настани ќе се одржуваат според важечките протоколи за одржување на настани. Сепак, тимот на МОТ го задржува правото на измени во програмата, за што навремено ќе биде известена јавноста.

Фестивалот е поддржан од Министерство за култура и Град Скопје.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.