„Горан го преведе нашето битие, нè преведе нас, нè артикулираше… Неговите драми се доказ за нашето постоење. Не станува збор само за јазикот, туку и за традицијата, симболите, начинот на мислење, комуникацијата, минатото, историјата… Без намера да се зема од некого нешто и без намера да се присвојува нешто што не е наше.“
Ова е дел од разговорот со режисерот Слободан Унковски посветен на Горан Стефановски и неговото драмско творештво по повод 70 години од неговото раѓање, што се одржа во рамките на лекторската настава на курсот по литература на 55. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
„Горан беше голем чекор напред на македонската драма, зрела доба на нашата литература. Тој ги препознаваше проблемите и ситуациите пред да настанат, додека останатите не бевме ни свесни дека тие лебдат и дека повторно ќе се појават… Тој фантастично ги чувствуваше проблемите, ги дефинираше и ги артикулираше во фабула којашто тера на размислување“, вели Унковски.





