Манифестацијата е логично продолжување и кулминација на проектот „Македонски анимиран филм“ – кое ќе заврши со одбележување на 50-годишнината од снимањето на првиот македонски анимиран филм – вели Јаќоски
Иван Ивановски и Слободан Јаќоски во последните две години влегоа во голема мисија – да го истражуваат, да му го дадат соодветното место на анимираниот филм од 1971 до 1991 година, период за кој и двајцата велат дека е златно доба или заборав. Вечерва во 20 часот во Младинскиот културен центар тие ќе го презентираат сработеното, со изложба и со проекција на првиот анимиран македонски филм „Ембрио No. M“ на авторот Петар Глигоровски.

Иван Ивановски работи скулптури, цртежи, инсталации, слики, видео… Дипломирал отсек вајарство на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, а студирал Академска програма за режија на ФАМУ во Чешка. Има реализирано 20 индивидуални изложби. Неговите анимирани филмови се претставени на различни регионални и интернационални филмски фестивали. Во моментот работи на неговиот петти краток анимиран филм „Јадица“.

Иван Ивановски
Слободан Јаќоски (1984, Скопје) е филмски промотер и истражувач. Дипломирал на отсекот маркетинг на Економскиот факултет, а магистрирал на Европскиот универзитет. Реализирал пет филмски кампањи: Исцелител (2017), Бикини Мун (2017), Година на мајмунот (2018), Ej! (2018) и Врба (2019). Работел на промоцијата на наградуваната кампања за телевизиската серија „На терапија“ (2017), како и на кампањата за „Зоки Поки“ (2020). Со него разговараме за предизвикот и поривите да се зафатат со ова истражување.
Како дојде идејата за овој сублимат и конкретно оваа временска рамка за македонскиот анимиран филм – 1971 – 1991?
– Идејата за проектот потекнува од Иван, еден од најзначајните претставници на сегашната македонска сцена на анимиран филм. Работејќи на неговите први студентски анимации пред околу 15-тина години открива дека македонскиот анимиран има долга и сјајна историја, речиси заборавена и опстојува само во фуснотите на македонското културно наследство. Секако зборуваме за „златното доба“ на македонскиот анимиран филм кое започнува со првиот македонски анимиран филм – „Ембрио No. M.“ на Петар Глигоровски во 1971 и завршува со почетокот на транзицијата во 1991. Во овој период освен Глигоровски, творат и Дарко Марковиќ, Боро Пејчинов и уште шест други автори кои главно во рамките на студиото за анимиран филм во „Вардар филм“ (но и ТВ Скопје), ќе реализираат околу 50-ина анимирани филмови, а голем дел од филмовите ќе го освојат кремот на европските и светските филмски фестивали. Доволно е да се спомене „Сребрената мечка“ за Петар Глигоровски на Берлинскиот филмски фестивал, успесите во Анси, Оберхаузен… Навистина, и по квантитетот и по квалитетот, овој период го заслужува епитетот „златно доба“ на македонскиот анимиран филм и Скопската аниматорска школа.

Слободан Јаќоски
Целта на нашиот проект кој започна во 2019, е токму оваа златна доба на македонскиот анимиран филм да не падне во заборав и да го најде своето вистинско место во рамките на македонското културно наследство. Се надеваме и дека истиот ќе го премости дисконтинуитетот меѓу тогашната и сегашната сцена и ќе инспирира нова генерација македонски автори на анимиран филм.
Како истражувавте, беше ли тешко да се откријат сите автори од овој период?
– Со оглед на штуроста на информации на интернет за овој период, главнината на истражувањето го изведе Иван Ивановски кој успеа да го „прочешла“ депото на Кинотеката на Македонија, но исто така разговараше со некои од авторите и соработници од 70-тите и 80-тите (Мирослав Грчев, Тонкица Митровска, Владимир Бороевиќ, Лазо Плавевски, претставници од фамилијата Марковиќ, Пејчинов, Михајлов…), а тие великодушно ни ги отстапија нивните приватни архиви. Дополнителен контекст ни дадоа некои од нашите најеминентни критичари како Благоја Куновски-Доре и Владимир Величковски со своите огромни познавања на темата. Собраните материјали – артефакти, интервјуа, текстови, прес-клипинзи итн. понатаму ги дигитализиравме – дел од нив се најдоа на нашата интернет-страница, дел ќе може да се видат во публикацијата, а во публиката во живо ќе може да ги види на настанот во МКЦ вечерва.

Исечок од весник за филмот „Каша“ на Дарко Марковиќ
Што ќе содржи програмата на манифестацијата во наредните 12 дена?
– Манифестацијата е логично продолжување и кулминација на проектот „Македонски анимиран филм“ – кое ќе заврши со одбележување на 50-годишнината од реализацијата на првиот македонски анимиран филм. Самиот јубилеј има двојна цел – да оддаде признание на авторите од златното доба и да ги спаси од незаслужен заборав и да го премости дисконтинуитетот од златното доба до живата аниматорска сцена денес, која има слични амбиции – да го освои светот. Концепцијата на настанот ја следи оваа логика: во едната сала на МКЦ ќе има изложба на артефакти од златното доба, а во другата – артефакти од сцената денес.
Отворањето на настанот вечерва ќе биде проследен со отварање на изложбите во двете сали на МКЦ, проекција на – „Ембрио No. M.“ и презентација на публикацијата „Македонски анимиран филм 1971-1991“. Утре ќе имаме дискусија со некои од авторите од златното доба, како и проекција на анимирани филмови од тој период, додека во петок ќе разговараме за состојбите на македонската анимација денес и ќе има проекции на филмовите од сегашната сцена. Изложбите ќе бидат отворени до 22 ноември.

„Хомо догматикус“ – Делчо Михајлов
Дали се планира продолжување на истражувањето за наредните децении продукција?
-Во 1990-тите навистина настанува еден огромен дисконтинуитет во продукцијата на македонски анимирани филмови – во целата деценија се реализирани само два авторски анимирани филма! Така што по златното доба настапува сериозен транзициски мрак од добри 15-ина години во кои авторските анимирани филмови се повеќе инциденти. Ова не е период на продукција, туку на деструкција – некои од анимираните филмови или артефакти од нив буквално завршуваат на отпад. Во таа смисла, мислиме дека е поцелисходно да притиснеме за реставрација и дигитализација на тие филмови што ги имаме дотогаш.

„Повлечи-потегни“ на Мице Јанкуловски
Новата сцена започнува срамежливо некаде по 2006-та година и ние би сакале во иднина да ѝ посветиме повеќе внимание, но дистанцата е премала за некакво историско иследување. Ние би сакале нашиот вебсајт и социјални канали да послужат како основа не само за архивирање и документирање на сите македонски анимирани филмови, без разлика кога се продуцирани, туку како место за дијалог, дискусија и промоција на нашите современи автори и нивните најнови остварувања.





