Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово вечерва во 19 часот ќе биде отворена изложба на дела од Марија Величковска. Под наслов „Распетие на светлината“, таа ќе се претстави со 26 слики, работени во изминатите три години.
– Сликите се работени под влијание на тешката атмосфера од ковид и постковид состојбите па оттука разбирлив е и ликовниот ракопис и вокабулар во којшто доминира потрага за нова реалност, конструирана на сосема нови постулати и принципи. Можеби надежта и оптимизмот ќе ја врати легендата за жар-птицата којашто е тема на некои слики од овој циклус, легенда којашто е инспирација, по зборовите на Марија Величковска, за целата нејзина најнова поставка. А можеби се работи само за уште една фаза во која е забележано драматичното време во коешто живееме распнати во сите насоки, како светлина на крстопатот на судбината, парадигма толку силно потенцирана во нејзините сликарски трудови, што нè остава збунети пред идните искушенија – вели Роберт Цветковски, историчар на уметноста.
Величковска е родена 1974 година во Скопје, каде завршила средно уметничко училиште, отсек применето сликарство. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, во класата на проф. Родољуб Анастасов. Реализирала повеќе самостојни излоѓби и улествувала на групни претставувања. Изложбата во Куманово ќе биде поставена до 22 декември.





