Во галеријата при Младинскиот културен центар во Скопје вечерва во 20 часот ќе биде отворена изложба на слики од Марија Трајаноска. Таа ќе се претстави со дела создадени во последниот период. Најавниот текст за изложбата го напиша Никола Пијанманов кој вели дека во делата на Трајаноска има лава што протекува од вулканот на внатрешниот пејзаж.

– Покрај овие величенствени предели на душевните панорами, јас сакам да ја истражам само фигурата. Таа за мене е клучот за тајната на ова мистично сликарство. Таа е секогаш една. Постојано сама и единствена. Моделот и уметникот се истата личност. Присутноста на една фигура во перфектните простори на илузиите и распрснувачката моќ на пејзажот во кој таа самува, е духовен автопортрет на сликарката. Но, дали е таа несреќна во тој вулкан од бои и деструктивни предели? Автоперцепцијата во сликите е отаде среќата и несреќата, тагата и радоста, темнината и светлината – пишува Пијанманов.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.