Сликарски и графички техники, креативно пишување, филм учеа децата на креативниот камп „Литера“

Летниот креативен камп „Литера“ не само што отвора можности за активно поминато време на децата, туку им овозможува созревање во визуелен и концепциски идентитетски наратив, потенцира мултимедијалниот уметник и едукатор, Доротеј Нешовски

Што е колаграфија, кои биле зографите и како функционирале тајфите, кои биле основноположници на македонската ликовна уметност, како се бориме со предрасудите кон лицата со посебни потреби преку филмската уметност, ова е само дел од она што научија децата на Летниот креативен камп „Литера“, што се одржа во Богданци, како прва годинашна активност на истоимениот Меѓународен фестивал за литература и илустрација за деца.

На кампот, што се одржа во просториите на Графичката работилница „Софија“, учествуваа деца на возраст од 5 до 12 години. Тие имаа можност да работат во повеќе сликарски и графички техники, читаа, пишуваа и создаваа концепт за книга, од идеја до реализација, односно до печатница.

Кампот беше отворен и за децата од Богданци, кои во голем број доаѓаа да видат и научат нови нешта.
Интересна е приказната на менторката Камелија Србова, која уште од дете пројавува интерес за уметноста и со години ја посетуваше Графичката работилница „Софија“ во нејзиниот град. Таму ја усовршила техниката колаграфија, па деновиве им ја пренесе и на малите креативци. Пренесување на искуството, но и на љубовта кон уметноста е мисијата на „Литера“, а тоа е впечатокот и на другите едукатори.

– Вистински би се изненадиле кога би знаеле колку многу децата се интересираат за пишувањето, но и најдобро од сѐ е тоа што меѓу нив има навистина талентирани млади луѓе, на кои единствено им треба поттик. Апелирам да се одржуваат повеќе вакви работилници, особено работилници за креативно пишување, зашто неоткриен талент е како дијамант кој стои пред нас, а ние го гледаме како обично камче – вели авторката Магде Ангова, менторка на работилницата за креативно пишување.

Летниот камп „Литера“ не само што отвора можности за активно поминато време на децата, туку им овозможува да созреат во визуелен и концепциски идентитетски наратив, потенцира и мултимедијалниот уметник и едукатор, Доротеј Нешовски.

– Ова значи изразување без граници, чувствување на слободата во играта со материјалите, истражувањето на ликовните техники и медиуми и експериментирањето со придобивките од стекнатите знаења. Испитувајќи ги своите граници, децата си создаваат крилја за да летаат во уметноста, во креативноста и во својот имагинарен свет. Ме радуваат сериозните кампови и нивната намера за поубав свет во полето на ликовноста – истакнува Нешовски.

Во рамки на кампот, во киносалата на Домот за култура „Бранд Петрушев“ во Богданци децата го гледаа и шведскиот документарен филм „Модна ревија“, којшто зборува на темата борба со предрасудите кон лицата со посебни потреби. По проекцијата, следеше и дискусија, а им отвори многу прашања на децата, со оглед на тоа дека на главните јунаци во филмот, кои се актери со попреченост им се остварува голема желба да учествуваат на вистинска модна ревија. Филмот е дел од проектот „Децата не се раѓаат со предрасуди“, на шведскиот театар „Глада Худик“, во кој учествува и „Литера“.

Посебно изненадување на кампот во Богданци беше посетата на дружељубивото слонче Халки, кое пред децата ја читаше својата „Сликовницата на Халки“, наградена од Македонската асоцијација на издавачи како проект за поттикнување на општествената одговорност.

Четвртото издание на Фестивалот за литература и илустрација за деца „Литера“ годинава има патувачки карактер. Целта е квалитетните изданија да стигнат до што повеќе деца низ цела Македонија. Децентрализацијата на активностите значи поддршка на детската креативност, но и поттик за македонските автори и илустратори да создаваат нови и квалитетни дела за најмладите.

Следната фестивалска активност ќе биде реализирана во Општина Валандово и селата Чалакли и Казандол на 2 и 3 септември.
Фестивалот „Литера“ е во организација на Центарот за визуелна комуникација „Ефектива“, а главен покровител е Халкбанк АД Скопје.

Сподели