Академскиот сликар Димитар Солаковски од Битола е добитник на годинашната награда за ликовно дело „Златен лист-Владимир Георгиевски“ што ја доделува Здружението „Транзен“ во чест на Владимир Георгиевски. Наградата ќе му биде врачена на 13 мај, на отворањето на изложбата „Несовршен простор“ во ликовниот центар „Магаза“ во Битола, што ќе се реализира во соработка со Друштвото на ликовните уметници на Битола.

Во образложението на жирито, сликарот Владимир Илиевски вели:
– Делото „Детето на Белото море“ е една прилично смела, директна и специфичнo решена композиција, која истовремено носи тивка суптилна поетска приказна. Толку интимно, а сепак универзално, затоа што колку подлабоко патуваме низ привидните суштини на поединечните форми, гледаме дека на крај сите завршуваат во една суштина. Тука е прикажан моментот на вечноста. Запомнетото што избледува, а не се заборава – вели Илиевски.

На годинашната изложба свои дела ќе изложат 15 уметници: Димитар Солаковски, Илија Маџаров, Тони Попов, Александра Петрушевска-Ристовска, Марија Трајаноска, Никола Пијанманов, Ване Костуранов, Љупка Галазка Василев, Славица Милева, Дејан Иванов Маргуш, Орце Нинески, Љубица Мешкова Солак, Ѓорги Динев, Горан Јованов и Верица Арапова.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.