Panta rhei е насловот на изложбата на скулпторот Марјан Стојаноски која вечерва во 20 часот ќе биде отворена во Културно-информативниот центар во Скопје. Тој ќе се претстави со дела создавани во последниот период. Според Мирјана Крстева-Масети, која напиша текст за изложбата, овој опус скулптури има современ призвук кој наликува на пат кон иднината, кон непознатото.

– Идејниот израз на авторот е отелотворен визуелно во метал. Делата поседуваат динамизам, тие се асоцијативно-ротирачки формации кои претставуваат рефлекс од едно друго време, рефлекс од безвременоста, рефлекс од вселената. Кругот, неговата моќ и неговото симболистичко сфаќање раскажуваат за panta rhei – вели Крстева-Масети.

Марјан Стојаноски е роден во Прилеп 1983 година. Средно образование завршува во уметничкото училиште „Лазар Личеноски“ во Скопје. Дипломирал на Факултетот за ликовна уметност во Скопје, во класата на професорот Ибрахим Беди. Член е на друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ). Во два наврати е претседател на Друштвото на ликовни уметници од Прилеп (ДЛУП) каде што во 2015 година, ја добива наградата за скулптура „Јордан Грабул“ од Друштвото на ликовни уметници од Прилеп. Има реализирано голем број на изложби, како самостојни, така и групни изложби.

Живее во Прилеп, каде што работи во Центарот за Култура „Марко Цепенков“. Изложбата во КИЦ ќе биде отворена до 24 мај.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.