„Ерос“ – скулптури од косовскиот уметник Луан Мулиќи во Чифте амам

Во Чифте амам во Старата скопска чаршија вечерва во 19 часот ќе биде отворена изложбата „Ерос“ од косовскиот уметник Луан Мулиќи. Еротската уметност е широко поле во визуелните уметности, вклучително и скулптурата како уметничко дело, но и усната и пишаната култура воопшто. Еросот како тема, мотив или лајтмотив се јавува уште од eпските песни, со фигуративен слој, особено во народните лирски фолклорни песни, кои се познати како љубовни песни од сите краишта.

– Во еротските теми, провокативни од уметнички, но и смели од професионален аспект, не само во една скулптура, туку и во неколку тематски скулптури, авторот се фокусира во истражување на еротиката и вклучува многу скулптури со описи на маж и жена во различни сексуални позиции, интерактивни во различни положби. Многу уметници експериментирале и вршеле студии со кои сексот го претвориле во научна дисциплина, надминувајќи ги традиционалните предрасуди и табуа. Оваа изложба доаѓа во време кога ваквите теми околу проблематиката на сексуалното образование недостигаат како наставни предмети во училиштата и, следствено, во недостиг на информации за сексуалното образование, зголемени се случаите на несакана бременост кај малолетничките, главно средношколки. Затоа, не ретко, социолозите, психолозите и уметниците го поставуваат прашањето за сексуалното образование. Ова станува итна неопходност во услови кога младите се соочуваат со незнаење (колку и како треба) за управувањето со нивното репродуктивно здравје – пиѓува во соопштението на Националната галерија.

Луан Милиќи (1953) е роден во Ѓаковица. Студиите за скулптура – вајарство ги завршил на Академијата за ликовни уметности на Универзитетот во Приштина (1977), а постдипломските студии ги завршил на Факултетот за уметности во Белград (1979). Од 1977 година е член на ДЛУК и член на ДУ на Чикаго САД (1990), додека во 1992 година е примен за член на „United American Artist“ во Њујорк, САД, а за полноправен член на International Sculpture Center во Вашингтон (1994). Учествувал на многу симпозиуми за скулптура од меѓународен карактер, а има објавено и многу статии за монументалната скулптура, како и две монографии за визуелната уметност на Косово. За неговиот живот и богатото творештво се објавени многу написи во печатените и дигиталните медиуми, присутен е во многу каталози и монографии. Има реализирано многу скулпторски проекти од јавна уметност во САД, Косово и Албанија. Долги години работи како предавач на Универзитетот во Тетово и на Универзитетот во Приштина каде што и ден денес предава. Речиси десет години беше директор на Националната галерија на Косово, а од 2012 година е примен за член на Косовската академија на науките и уметностите.