Скулптури од Филип Цакоски во Прилеп

Во ликовната галерија на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп вечерва во 19.30 часот ќе биде отворена изложбата на скулптури „Персона“ од уметникот Филип Цакоски. Тој ќе се претстави со 11 дела. Изложбата ќе ја отвори Филип Димкоски, поет и новинар.

– „Персона“ втор дел на концептот „Обвивки“ од 2021 година. Изложбата можеме да ја разгледуваме и како своевидно продлабочување на мотивите што го окупираа авторот во претходната поставка, но и како сосема самостоен концепт со нови перцепции. Ако во првата изложба го увидовме постоењето на кожурците, обвивките и маските, кои не ни даваат да дишеме и да се претставиме онакви какви што сме, овде во новите единаесет дела, обвивките полека паѓаат и се отвора можноста да се види личноста со својата посебност и своето достоинство – вели Димкоски.

Филип Цакоски (1998) е роден во Прилеп. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, отсек вајарство, модул сценографија, во класа на проф. м-р Жарко Башески. Член на ДЛУМ од 2020 година, учесник на повеќе групни изложби и настани, во земјава и во странство.

Сподели