Скулптури на Александра Богоеска во КИЦ во Софија

Во галеријата на македонскиот Културно-информативен центар во Софија, вечерва во 18.30 часот, ќе биде отворена изложбата на скулптури со наслов „Внатрешен сјај“ на Александра Богоеска.

Делата од изложбата се изработени од камен, а поконкретно од мермер и травертин. Авторката преку содржината на своите дела сака да ја прикаже индивидуалноста, постоењето, можностите… Со прикажувањето на своите скулптури, таа преку симболите се обидува да го поттикнува разумот да ги одгатнува скриените суштествени пораки. Травертинот како материјал со неправилна текстура ја прикажува природна убавина, ранливост, нежната емоционална внатрешност. Додека белата боја на мермерот симболично ја прикажува чистината, а нежните вертикални линии ја потенцираат женската силуета…

Александра Богоеска е родена на 14 мај 1985 година во Прилеп. Дипломирала на Факултетот на ликовна уметност во Скопје на отсекот вајарство – конзервација и реставрација има реализирано самостојни изложби и групни изложби. Учествува на многубројни вајарски и сликарски колонии во Македонија и надвор од неа.

Во творештвото Александра силно ја истакнува внатрешната поврзаност со природата како и чувството на силна емоција. Иако во нејзината уметност станува збор претежно за пластика во мали димензии, Александра доста умешно преку истите успева да ја презентира својата идеја за скулптура. Секое нејзино дело во својот концепт содржи јасна поврзаност и нераскинливост помеѓу машката и женската животна енергија. Александра скулптурата ја користи како неограничен простор за изразување на нејзината уникатност и индивидуалност. Слободно можам да кажам дека е уметник кој сака да експериментира преку своите дела и доста вешто го доловува опишаното погоре токму преку приказот на личните чувства во различни тематски содржини.

Истражувањата во скулптурата, Александра ги насочува во областа на апстрактно-човечка скулптурна форма, преку спојот како на формите така и на материјалите. Ја негува пластичната слободна форма, создавајќи чисти пластични структури со извесни асоцијативни белези. Вертикалната поставеност на скулптурите заедно со истакнатото природно рустикално изразување преку потенцирање на природната структурална форма на каменот од една страна, како и постигнатото совршенство со измазнување на камената површина од друга страна се важен елемент во целосниот визуелен ефект – вели Јана Јанеска-Ристески, историчар на уметноста.

Сподели