Со 5 милијарди 520 милиони и 504 илјади денари ќе располага културата во 2026 година, што е за 8,5 отсто повеќе од годинашниот буџет на Министерството за култура и туризам. На оваа сума спланирани се и дополнителни 700 милиони денари наменети за туризам, рече министерот за култура и туризам Зоран Љутков на вчерашниот предновогодишен брифинг со новинарите. Тој ги претстави резултатите од работењето на 72 институции што се под надлежност на ресорот. Инспекторатот за македонски јазик и во 2026 година нема да може да работи во полн капацитет затоа што сè уште чека одобрувањето за вработувања од Министерството за финансии, а кога тоа ќе се случи, инспекторите ќе треба да поминат обука од 12 месеци. Многу институции од културата во Македонија се во очајна состојба, што покажал надзорот и увидот во сите државни институции по пожарот во Кочани.

Зоран Љутков, министер за култура
– Не беше лесна година, беше исполнета со предизвици, но поставивме приоритети и градевме основи. Не тврдиме дека сè е совршено, но чекор по чекор се движиме во вистинска насока. Културата и туризмот ги третираме како стратешки сегменти од општествениот развој, националниот идентитет и економскиот потенцијал на државата – рече Љутков.
Тој поединечно се наврати на сите сегменти во културата и што сè било направено и постигнато годинава со буџетот со кој располагаше Министерството за култура и туризам кој со ребалансот во јули годинава достигна 4 милијарди 851 милиони и 876 илјади денари. Годинава 18 институции за првпат работеа со делегиран буџет.
– Ова беше еден вид пилот-проект кој покажа добри резултати и во 2026 година уште неколку институции ќе работат на овој начин – рече Љутков.
Покрај манифестацијата Град на културата ќе биде воведен и Град на туризмот. Во однос на законските регулативи формирани се работни групи за изработка на нов Закон за култура, нов Закон за заштита на културното наследство и за изработка на Национална стратегија за развој на културата за периодот 2025 – 2029 година.
На новинарско прашање што се презема за надминување на проблемите со Колективниот договор и повеќе од 800 тужби против ресорното министерството, Љутков рече дека верува и цврсто стои зад ставот на Министерството за култура и Владата и дека случаите со во апелација и дека судски одлуки се донесени без вештачење.
На прашањето дали сите вработени во националните институции си ја заслужуваат платата или се потребни периодични ревизии на работните места Љутков рече дека одговорноста за работата на институциите е на Министерството за култура и туризам и на менаџерите.
– Не можете да барате одговорност од вработените ако им дадете плата, а им го скратите буџетот за програмата и не им дадете основни средства за работа. Тоа го коригиравме во 2024 година. Оттогаш направивме неколку функционални анализи на сите институции. Резултатите не се добри. Некои ја зголемиле продуктивноста за 50 отсто. Но, некои немаат никаква општествена функција, ниту квалитетен кадар, несоодветни услови за работа. Прашање е дали тие може да опстојат или ни е потреба суштинска реформа – рече Љутков.
(В.И.И.)





