Во Куќата на ДЛУМ во Скопје (ул. „Илинденска“ бр.63) вечерва во 20.30 часот ќе биде отворена изложбата „Скопски урбани приказни 2024“. Со свои дела ќе се претстават уметниците Ана Ивановска, Доротеј Нешковски, Шќипе Мехмети, Сашо Блажес, Марина Лешкова, Давор Кешкец и Сокол Марковски. Куратор е Маја Чанкуловска-Михајловска. Таа идејата на годинешното издание на „Скопски урбани приказни“ ја базира врз поимот „дом“.
– Почетните асоцијации сугерираат директна врска со конкретниот простор – куќата во која после седум и пол децениско работење е сместено Друштвото на ликовните уметници на Македонија. Еманирајќи од познатата сентенца на нобеловецот Нагиб Махфуз – „Домот не е каде што си роден, домот е каде што сите твои обиди за бегство престануваат“, премисата „дом“ како место, живеалиште или засолниште, е проширена на повеќе слоеви на исчитување, но и чувствување. Во повеќето толкувања, кои можат да се и антагонистички, присутни се следните моменти: флуктуација на домот – (не)статичноста на просторот каде се поврзуваат и интерконектираат минатото со сегашноста и иднината, (не)постојаноста или (не)променливоста на истиот, реалноста и имагинацијата, присуството и отсуството… Домот како (не)постоечки реален или апстрактен простор на поврзување со личните, семејните или општествените фрагменти и референци, но и пошироките наративи (како што е примерот за „неистражената“ историја на „новиот“ дом на ДЛУМ) е простор на интимни доживувања, но и поттикнувач на критичка корелација со политиките на заедницата и општеството, вклучително и глобалните миграциски политики и кризи – вели Чанкуловска-Михајловска.