Скопје танцовиот театар предводен од Рисима Рисимкин ќе гостува во Париз на сцената Firmin Gémier“ во Националниот театар за современ танц, од 16 до 18 март. Магазинот за култура La Terasse веќе го најави нивното гостување со претставата „Идентитети – историја на еден растегнат сон“. Оваа претстава, за која музиката ја напиша Тони Китановски, костимите ги изработи Благој Мицевски, а сценскиот дизајн е на Матеа Мијановиќ, публиката ќе може да ја проследи на 10 март на големата сцена на Македонскиот народен театар, неколку дена пред заминувањето за Париз.

Во претставата настапуваат Анастасија Данчевска, Мими Поп Алексова, Сара Цветковска, Бобан Русески, Дејан Битровски, Викторија Коцева, Стефани Шааршмит, Андреј Димовски и Емилија Милак.

„Идентитети – Историја на еден растегнат сон“ на Рисима Рисимкин е претстава со една поинаква естетика. Кореографката која е на чело на Скопје танцовиот театар од 2011 година, е една од најпопуларните и најплодните македонски кореографки. Таа се појавува на големите меѓународни сцени, но е сосема непозната во Франција, и затоа, ќе биде вистинско откритие, кое ќе го доживееме во Шајо. Со своите седум танчери, Рисима Рисимкин ја доведува во прашање експресивноста на движењето во времето на пандемијата. Надвор од оваа општоприфатена тема, Скопје танцовиот театар нè поканува да ги истражуваме имагинарните идентитети, изнесувајќи чудни ликови, запленети од големата интензивеност на танцот. Рисимкин неодамна ни се довери дека во овој опус, „се обидува да најде јазик што функционира во ова нефункционално време“. Таа го прифаќа предизвикот да создаде интимен танц во кој танчерите никогаш не се допираат. Водена од софистицирана сценографија и костими, таа ни претставува апокалиптичен свет кој ја истакнува нашата изолација, но ја брани убавината од сите препреки – пишува La Terasse.

Скопје танцовиот театар, основан и предводен од Рисима Рисимкин, во своите 10 години постоење, успева да се пласира на интернационалната современа танцова сцена и да гостува на најпрестижни фестивали. Скопје танцовиот театар, зад себе има остварено преку 70 продукции. Компанијата, покрај препознатливиот стил на короеграката Рисимкин, овозможува и развој на млади уметници и гостува со своите продукции на сцени во Европа, Америка и Азија. Во 2020 Скопје танцовиот театар имаше настап на „Соло танцовиот фестивал“ во Анкара, Турција, со дел од претставата „Идентитети – Историја на еден растегнат сон“ на Рисима Рисимкин, во изведба на Адријана Данчевска.

Во 2018 година, со претставата „Кожа“, компанијата гостуваше на најзначајниот фестивал за танц во Европа – „Holland Dance Festival“, а во август истата година, го затвори 37-то издание на фестивалот „Battery Dance Festival“ во Њујорк, САД. Во октомври 2018 година Скопје танцовиот театар настапи на Интернационалниот фестивал за танц на Пекингшката академија за танц со проектот „Егзистирање“. Скопје танцовиот театар има остварено настапи и на “Share” фестивалот, во Братислава, Словачка (2017 и 2019), „Mariytime Silkroad Festival“ (2017) во Чуанџо, Кина; “Meet in Beijing”, најголемиот интернационален фестивал за изведувачки уметности во Пекинг, Кина, “Open stage program“ во Хаг и Ротердам, Холандија (2015); ИТС фестивалот во Амстердам, Холандија, (2013); Саем за танц, Дизелдорф и Културбункер во Келн, Германија (2012) и во Хрватска на Интернационалниот фестивал за современ танц и невербален театар, Санвинченто, (2011). На дел од овие гостувања покрај делата на Рисимкин, се пласираат и дела на младите кореографи Матеа Киселичка, Адријана Данчевска, Валентино Апостоловски и Дејан Битровски како млади сили на современиот танц кај нас.

Работата на Скопје танцовиот театар е поддржана од Министерството за култура и Град Скопје.

 

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.