„Скејтањето не е за девојчиња“ – филм што се спротивставува на границите што ги поставува општеството

„Скејтањето не е за девојчиња“ во режија на Дина Дума се снима во последните неколку недели во Скопје. Филмот е копродукција меѓу Македонија, Белгија, Словенија и Хрватска. Филмот се снимаше во СУГС „Браќа Миладиновци“ во населбата Драчево.

Филмот следи три генерации жени – додека тие се движат низ судирот меѓу традицијата и предизвиците од модерното време. Низ светогледот на 12-годишната Адела, филмот ни отвора свет во кој три генерации жени се осмелуваат да ги препишат сопствените судбини и да ги оспорат границите на општеството обликувано од традицијата.

Главните улоги ги толкуваат натуршчици и актери од ромската популација Ефќар Абаз, Џефрина Јашари, Симонида Селимовиќ и Ганимед Абдула. Сценариото е на Дина Дума, коавтори се Лидија Мојсовска и Теона Митевска, директор на фотографија Фредерик Ноиром, сценограф Вук Митевски, костимограф Матеја Фајт, шминка Мојца Горогранц-Петрушевска, кастинг директор Киријана А. Николоска.

Дина Дума и Лабина Митевска

Продуцент на филмот е Лабина Митевска, копродуценти Себастијан Делој, Данијел Хочевар и Вања Сремац. Проектот е финансиски поддржан од македонската Агенција за филм, како и од националните и регионални фондови на Белгија, Словенија, Хрватска и од „Еуримаж“.

Фото: Ѓорѓи Личоски

Сподели