Три сценарија подготви Министерството за образование и наука за новата учебна година, во зависност од состојбата со ковид-19 во септември. Протоколите денеска биле презентирани на Главниот координативен кризен штаб. Можните опции се:
– сите ученици од први септември да се вратат во училишните клупи со почитување на протоколите за заштита од ковид-19;
– примена на хибридниот модел како во претходната учебна година. Со физичко присуство настава да следат учениците од 1 до 4 одделение, а останатите наставата да ја следат на далечина;
– третото сценарио предвидува враќање на сите ученици во училиштата со почитување на здравствени протоколи, со ротација на учениците на една недела.
Министерката за образование и наука Мила Царовска изјави дека МОН е подготвено за спроведување на сите три сценарија.
– Враќањето на сите ученици во училиштата е најдобрата и најпосакувана варијанта. Сепак, сè ќе зависи од епидемиолошката состојба, а одлука ќе донесе Комисијата за заразни болести – рече Царовска.
Насловна фотографија: МОН





