Неверојатната трансформација и леснотија со која од еден во друг лик влегуваа српските актерки Сања Марковиќ и Jована Беловиќ е она по што македонската публика ќе ја памети синоќешната претстава „Мојот маж“ на Југословенското драмско позориште. Српскиот ансамбл, во рамките на фестивалот „Млад отворен театар“ гостуваше во Драмски театар во Скопје.

Во еден момент се смеат и се кикотат на типичните муабети додека го мешаат ајварот пред зграда, сепак, со длабочина каква што може да произлезе само од женски разговор, а веќе во следниот, душата ви ја параат зборовите и плачот на мајка која го изгубила своето дете. Емоциите буквално ви пулсираат во текот на целата претстава, прашувајќи се постојано, што е следно? Ќе плачеме или ќе се смееме на следната сцена? Сите стравови, надежи, мечти и предизвици на мајките, жените, ќерките, љубовниците, вдовиците… режисерката Јована Томиќ ги спакувала маестрално, па не е ни чудно, што претставата правена по расказите на нашата Румена Бужаровска е вистински хит во Србија.

Вечерва со почеток во 20 часот во Драмскиот театар, како дел од МОТ, публиката ќе може да ужива и во претставата „Мојот маж“, исто така работена според расказите на Бужаровска, но во режија на Нела Витошевиќ.

Во Македонскиот народен театар, на малата сцена во 22 часот е претставата „Последната лента на крап“, во режија на Ѓорѓи Јолевски. На сцената на МНТ во неколку термини ќе биде прикажана и претставата „Како крајот и да не е сосема блиску“ на Битеф театар од Србија во режија на Никола Завишиќ. Екпериментална претстава без актери е своевиден аудиовизуелен мозаик што ѝ буди емоции на публиката-учесник, која ја води во една преодна состојба, простор „помеѓу“, кој завршува со катарза. Термините се од 12, 14, 16, 18 и 20 часот.

(М.А.М.)

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.