Сите сме птици, но не сме од иста класа

Цветановски како Еитан носи толку автентична и интензивна изведба што едноставно не бидува, а да не се нагласи дека е фантастична. Во ниту еден момент од сценските три часа, се нема впечаток дека тој всушност игра некаков лик, туку дека едноставно тој станува неговиот лик.

Пишува: Звонко Димоски

Важди Муавад (1968) е либанско-канадски писател, актер, драматург и режисер. Го напушта Либан како осумгодишно дете, поради избувнувањето на либанската граѓанска војна, која подоцна станува стожерот на неговите креативни размислувања. Важи за еден од најпрецизните и најдоследните опишувачи на индивидуални и групни судбини, опишани низ призмата на траумата, идентитетот, политичките и воените конфликти од минатото, во тесна корелација со тековната реалност, ценет поради неговите бескомпромисни и директни наративи, како и за неговата штедлива и емотивна театарска естетика. Неговите драми преведени се на повеќе од дваесет јазици и поставени се во сите делови на светот, вклучувајќи ги Велика Британија, Германија, Италија, Шпанија, Јапонија, Мексико, Австралија и САД.

Неговото последно дело Birds of a Kind/„Сите сме птици“, премиерно е прикажанo 2017 година во Театарот де ла Колин во Париз, чиј директор е токму Муавад. Птиците имаат многу заеднички карактеристики со најпознатото дело на Муавад, Incendies (‘Изгорени/Запалени’, 2003), текст за децата на мигрантите во новиот свет, неспособни да се ослободат од траумата на бескрајниот блискоисточен ланец на насилство што ги следи како проклетство. Во двете дела се рефлектира идејата дека големите истории и индивидуалните животи се нераскинливо поврзани, тема која се издвојува како посебна речиси во сите дела на Муавад, покажувајќи притоа како луѓето од спротивни култури се обидуваат да живеат заедно.

Ретко имаме можност во нашите театри да гледаме и сведочиме како гледачи, за моменталните развојни и идејни текови во светскиот театар и да полемизираме, со автори кои тековно го уживаат признанието и вниманието од театарските/филмските работници и медиумите. Токму таков е случајот со Муавад и делото „Сите сме птици“, поставена во Македонскиот народен театар, благодарение на севкупната екипа, која околу себе ја собрал режисерот Слободан Унковски и извршниот продуцент Виктор Рубен.

Малку има драми кои успешно се занимаваат со интеркултурни тензии и вградени врски на толку многу нивоа одеднаш, како Птиците на Муавад. Ваквиот интеркултурализам е вгнезден во самата генеза на текстот/претставата, чија инспирација е најдена во разговорите на Муавад со историчарката Натали Земон Дејвис, која додека заедно чекаат на аеродром, му раскажува за херојот од својата книга, персискиот историчар Хасан Ибн Мухамед Ел-Вазан (15 век) и неговата приказна за птицата амфибија. Хасан бил заробен од пирати и одведен на дворот на папата Леон X, кој го ослободува кога го прифатил христијанството. Подоцна познат е како Леон Африканецот.

Муавад, со моќта на античката трагедија, во драмата ги поврзува сложените семејни односи и индивидуалните судбини, давајќи им културолошки, општествени и генетски значења, во чија позадина е израелско-палестинскиот и конфликтите на Блискиот Исток. Претставува модерната верзија на „Ромео и Јулија“, во која ниту тој, ниту Унковски како искусен режисер, не се плаши да покаже силни емоции, во време и модерна уметност која тврди дека излишни ѝ се раскошни декоративни приказни и дека ужива во минимализмот. Со сценската постановка на овој текст, Унковски успешно и доследно ја покажува неочекуваната средба/судир со апсолутната замисла за Другиот, преку која, следејќи ја мислата на Муавад за метафорично гледање на човештвото како планета со секакви птици, повторно се потврдува како режисер кој ги почитува деталите, симболите, знаците итн., истовремено не заборавајќи дека играта на актерот е суштината на театарот.

„Сите сме птици“ е семејна сага, трилер и актуелна политичка загатка која започнува со една средба која е предодредена да се случи. Средба на двајца модерни секуларни студенти, на едно момче Евреин и една девојка Арапка, кои се среќаваат во универзитетска библиотека во Њујорк. Време за една прекрасна љубовна приказна, која таткото Евреин не може и не умее да ја прифати, по што се претвора во трагично искуствено патешествие на двајца млади луѓе. Едниот трага по вистинските корени на неговото семејство, другиот по корените во пронајдената татковина. Талкање, кое подоцна се трансформира во бездна во која секој се соочува со секого, а најболно со себеси. Талкање кое носи многу болка и конфузија, зошто ништо не е така како што изгледа и некој не е тоа што мисли дека е. Драма за љубовта, крвта, наследството, непријателството и идентитетот, кој најмногу прелетува над тие кои го отфрлиле како туѓ, или непотребен, токму како главните ликови.

Едниот има еврејско потекло, Еитан Цимерман (Дамјан Цветановски), чии родители Давид (Никола Ристановски) и Нора (Николина Кујача) живеат во Берлин со неговиот дедо Етгар (Емил Рубен), а чија баба Леа (Звездана Ангеловска) живее сама во Израел. Другиот е Вахида (Сара Климоска), девојка со палестинско потекло, која пишува докторска теза за споменатиот Леон Африканецот. Додека двајцата на шега зборуваат за Ромео и Јулија, убедени се дека во нивниот свет, конфликтот на нивното потекло не може да има никакво значајно влијание врз нивните животи. Еитан, како биогенетичар, кој го застапува мислењето дека сите ги делиме истите хромозоми и дека наследството е во главата, а не во крвта, на почетокот не ја препознава драматичната иронија зад неговите сигурни зборови. Вахида е заинтересирана за потиснатиот идентитет на Хасан, додека Ејтан прашува како идентитетот може да има некаква важност кога луѓето генетски се слични. За него поимот за етнички или верски разлики меѓу луѓето треба да исчезне во ирелевантност пред научните факти („На нашите гени не им е грижа за нашето постоење!“).

Од библиотеката, дејството се пренесува во Израел. Библиотекарската маса, заменета е со болнички кревет. Иако Вахида, првично тргнува на патувањето само како придружничка на Еитан, а неговата потрага се поставува како централен структурен елемент на претставата, таа сѐ повеќе станува вовлечена во заблудата на сопственото потекло, за кое првично не покажува никаков интерес и целиот свој живот се труди да го отфрли. Нејзиното паралелно самооткривање значително ги зачинува односите, ја менува љубовта и разбирањето на историјата, не само поради полот и сексуалноста, туку и поради идентификацијата со групното страдање на заедницата.

Во Ерусалим, Еитан е тешко повреден во терористички бомбашки напад, додека Вахида е на распит воден од израелскиот војник Еден (Тина Трпкоска). Поради соочувањето на Вахида и бабата Леа, набрзо сите други ликови се собираат околу болничкиот кревет на Еитан. Три генерации од три континенти се собираат за да бдеат над добро чуваната тајна на бабата и дедото. Тајната чека да биде разоткриена.

Претставата, чии дејства се пренесуваат во времето и просторот се следи и значенски поврзува преку периодичните реминисценции, од кои највпечатлива е првиот семеен ручек. Еитан, во обидот да ја запознае Вахида со своето семејство, за време на празникот Пасха, се соочува со апсолутниот и несоборлив став на неговиот татко Давид дека неприфатливи се врски надвор од еврејската вера и заедница („Преживувањето е единствената наша одговорност“./„Ожени се со таа девојка и ќе станеш таткоубиец“./„Учествуваш во исчезнувањето на цел еден народ“.), како и со комплицираниот однос на неговата мајка Нора со сопствениот еврејски идентитет, кој го открила како дете на комунисти од Источен Берлин. На семејната свечена трпеза, Кујача многу убедливо доловува колку Нора е застрашувачка и бескомпромисно ја покажува нејзината способност за манипулација додека раскажува за сопственото комплексно искуство, вербално критикувајќи го Еитан бидејќи го става татка си во истата позиција во која таа и Давид го ставиле нејзиното семејство кога се вериле, немајќи согласност од семејството. Нејзината Нора е скроена по мерка, врвно истакнувајќи ја нејзината прикриена кршливост и интелектуална двојност. Таткото на Давид, Етгар, кој го преживеал Холокаустот, бара прифаќање на Вахида од причини кои подоцна стануваат централни во расплетот на приказната. Етгар, на Емин Рубен е срдечен и привлечен лик, чија длабока хуманост не се пронаоѓа во крвавата реалност на светот во којшто живее.

Цветановски како Еитан носи толку автентична и интензивна изведба што едноставно не бидува, а да не се нагласи дека е фантастична. Во ниту еден момент од сценските три часа, се нема впечаток дека тој всушност игра некаков лик, туку дека едноставно тој станува неговиот лик. Цветановски продорно нè убедува во реалноста на емоциите на Еитан во секоја фаза од одигрувањето на неговата широка емоционална комплексност, од малку наивен студент, до повреден син, внук и вознемирено човечко мало суштество, кое треба да биде мудро согласно своите години и тежината на колективното минато. Несомнено, актер чии следни уметнички реализации треба да се очекуваат со нетрпение. Ристановски, градејќи го ликот на Давид, повторно актерски и емоционално се поставува како врвен креатор на градирани чувства во кои прпоти гневот кон својот син и кон муслиманите, а жестокоста со која надвиснува на семејната трпеза е навистина автентично застрашувачка. Двајцата, за време на ручекот, учествуваат во создавање на кулминациски театарски момент, кој посакувате уште да трае. Сцена, која е претставата самата засебно, едноставно одлична.
Еитан е толку лут од неговиот татко, и не верувајќи дека неговото семејство се однесува на таков начин, собира примероци од ДНК, сакајќи да докаже дека тој не е нивни биолошки син, за да подоцна открие дека неговиот татко не е син на неговите баба и дедо, туку згрижено и посвоено палестинско дете. За да ја дознаат вистината, тој и Вахида заминуваат во Израел за да ја пронајдат мајката на Давид, која според семејната приказна, ги напуштила Етгар и Давид пред 35 години. Леа, за време на ручекот се појавува како набљудувач на семејната расправија.

Во центарот на приказната за ова еврејско семејство со мешани корени, од длабочините на историјата, се појавува ликот на муслиманскиот дипломат Хасан (Петре Арсовски), кој тука врши функција на своевиден ангел на помирување, на водич низ акцијата за навидум неостварливото помирување на конфликтните култури и неспокојот во себеси. Арсовски, во неколкуте појавувања, пријатно се следи како раскажувач, додека актерски задржува внимание единствено во костимираната бајка, во која ја раскажува приказната за птицата амфибија.

На приземно ниво, семејството кое го опкружува Еитан, овој пат во Израел, се бори да ја спасат (Леа и Етгар) или отстранат неговата забранета љубов и неговата опасна потрага (Давид и Нора). Најмоќен тука повторно е Никола Ристановски, како заканувачки и посветен ортодоксен татко, станувајќи вистинскиот трагичен центар на дејствието, кој заедно со другите членови на семејството создаваат вистински застрашувачки ансамбл. Разделените баба и дедо на Еитан, истовремено се и многу сложени и многу привлечни. Звездана Ангеловска како Леа е цинична, има поган јазик и заедно со Етгар ја разоткриваат внимателно чуваната разорната тајна за разделбата на семејството („Ти си она што го мразиш“). Во моментот кога Давид треба да се помири со тајната за него, Ристановски недоволно силно ја внесува неговата вчудовиденост во еден преубав индивидуален и драмски пресврт, во кој зборувајќи како ништо да не се случило, сигнализира дека е потполно свесен за големата промена.

Ангеловска успешно го доловува самоописот на Леа како жена „без срце“, портретирајќи ја како тврда постара жена која целосно лишена е од чувства, а исполнета е со горчина („Јас немам чувство за фамилија“), за да на крајот (иако се пројавува претходно во односот кон Вахида) триумфира како жена која има срце („Овој што љуби, не бега!“). Двајцата со Емил Рубен, како Етгар, градат драмски ликови кои можеби не фасцинираат, но фасцинантно покажуваат што значи да се има професионален пристап кон доверената задача и истата да биде реализирана доследно и атрактивно за гледачот, вештина со која имаат проблем многу актери од младата и средната генерација.

Муавад, во однос на идентитетското поврзување со религиите, заедниците и семејството, покажува една важна недоследност во делото, односно ја тера Леа да го критикува еврејскиот живот на Нора како лажен, бидејќи таа постојано нагласува дека нејзиното еврејство не е резултат на религиозно убедување, туку на одмазда кон сопствените родители. Сепак, со Вахида постапува различно. Таа, Арапка, порасната како Американка која никогаш не била во Палестина, го бриши тој дел од сопственото потекло. Меѓутоа, штом ќе види како Израелците ги третираат Палестинците, таа доживува мистична преобразба и веднаш се идентификува со нив како нејзин народ. Лесно може да ѝ се каже и на Вахида, како што Леа на Нора, дека ненадејното негување на нејзиниот пронајден идентитет, исто така е лажен. Секако, тука не може да исклучи свеста, иако тоа на ниво на текст не е присутно, дека Вахида ги претставува сите привилегирани (во случајов) американски девојки, кои се опседнуваат со вина кога сфаќаат колку многу други луѓе (со нивно потекло) страдаат, без да бидат свесни за тоа.

Како Вахида, Климоска, во конкретниов случај не може да му парира на Цветаноски, пред сè во убедливоста на натежнатиот интензитет на чувства и емоционални преобразни. Нејзината креација и вокална експресија многукратно не успева да им даде доволно тежина на зборовите кои го изговара. Кога во втората половина се случува клучниот пресврт за нејзиниот лик, станува мачно да се слуша како Вахида одново и одново се идентификува преку карактеристиките од првиот чин, односно со нејзината убавина и женственост. Затоа пак, многу коректно и фокусирано, Тина Трпкоска ја доловува значенската преобразбата на израелскиот војник Еден, која и во моментите на промена на светогледот и кршливоста („Невозможен отсјај на еден изгубен сон“), телесно стоички ја задржува карактеристиката на цврста армиска девојка. Мислам дека нејзиното место во приказната е недоволно застапено.

Имам впечаток дека на Климоска секој пат ѝ треба време да влезе во ликот и во темпото на претставата во која учествува, независно од бројот на веќе реализирани изведби и дека тој ‚влезот’, се случува кога дејството во претставата е солидно развиено (временски), или воопшто. Како штотуку да влетала во театарот, бидејќи нејзиниот недостаток на концентрација и грешење на текст во неколкуте претстави што сум гледал, е многу очигледно и лесно забележливо.

Сите ликови повремено го користат јазикот што би го зборувале во реалниот живот, односно хебрејски, англиски, германски и арапски. Ваквото патување низ нациите и заедниците, со постојано нагласување на важноста на јазиците, преку кое се доловува лизгавото значење на терминот „мајчин јазик“, е една од најпредизвикувачките мултикултурни димензии на драмата на Муавад. Одлуката на Унковски, преведувачката Калиопа Петрушевска и драматургот Јелена Мијовиќ за задржувањето на оваа хетероглосија сметам дека е многу потребна, моќна и врвно театрална, независно од тоа дали имаме некаков необјаснив отпор кон одреден јазак. Не знам дали актерите претходно имале можност да бидат во контакт со јазиците кои ги говорат на сцената, но изведбата на оваа повеќејазичност е убедлива и силно импресивна, посебно во претставувањето на ликовите кои стојат на страната на сите, односно на Лекарката (Драгана Костадиновска, „Зборуваме преку чувства, зборувајте му на мајчин јазик“) и Болничарката (Сашка Димитровска).

Едноставните, но комплексни сценографски решенија на Бранко Хојник (Илина Ангеловска, асистент) во вид на подвижни ѕидови-граници се многу умно и продорно промислени и дизајнирани, при што со малку дополнителни реквизити се отвора простор за разбирање на сите потребни локации. Информативните проекциите на Милчо Узунов, работата на целата екипа задолжена за светло и ефекти, како и музиката на композиторската Ирена Поповиќ-Драговиќ, исто така, помагаат да се дефинираат различните локации и состојби. Палетата на земјени и сиви тонови во сценографијата, продолжува во одличните костимографски решенија на Роза Трајческа-Ристовска, која повторно не заборава дека костимот, освен наменска, треба да врши и естетска функција.

Прашањата што ги отвора оваа одлична претстава нѐ допираат сите нас, и индивидуално, и како членови на заедница/народ. Дали наследноста е генетски дефинирана и предодредена? Дали сеќавањата и заборавот се еднозначни? Дали и како можеме да се ослободиме од семејните тајни? Колку генерации мора да преземат одговорност за Аушвиц, за Треблинка, за Сребреница…? Треба ли да бидеме покорни кон некогаш востановените правила? Можеме ли ние како луѓе, и како народи, да живееме во братство, својствено за класата птици? Сите сме птици или некои од нас се посебни?

Сподели