На сцената на Македонскиот народен театар в сабота (17 декември) премиерно ќе биде изведена претставата „Сите сме птици“, работена по текстот на либанско-канадскиот автор, Важди Муавад, а во режија на реномираниот Слободан Унковски. Оваа моќна современа драма која спојува повеќе јазици и различни светови на искуства, го истражува и идентитетот за тоа кои сме или мислиме дека сме.
Во драмата на оригиналниот и современ автор од либанско-канадско потекло, Важди Муавад, додека во светот се случува израелско-палестинскиот конфликт и нападите, едно семејство е во теснец и е принудено да се соочи со сето она што го знаат за својот идентитет. Поради терористичкиот напад во Ерусалим младиот израелско-германски генетски истражувач Еитан паѓа во кома, додека неговата девојка Вахида (американка со арапско потекло) е оставена да ја открие неговата семејна тајна…
Улогите го толкуваат: Дамјан Цветановски, Сара Климоска, Тина Трпкоска, Звездана Ангеловска, Николина Кујача, Емил Рубен, Никола Ристановски, Петре Арсовски, Сашка Димитровска и Драгана Костадиновска.
Текстот од француски на македонски јазик го преведе Калиопа Петрушевска, а драматург е Јелена Мијовиќ.
Сценографијата на претставата е на Бранко Хојник, костимограф е Роза Трајческа-Ристовска и композитор е Ирена Поповиќ-Драговиќ.
Следните изведби се закажани на 20 и 21 декември, како и на 30 и 31 јануари со почеток во 20 часот.