Неопходни се промени во организација на работата на училиштето, промоцијата на овие активности пред учениците и родителите, начини на нивно вклучување, осовременување на методи на работа, вели Попризова

Шест основи училишта и две библиотени од Македонија беа дел од тригодишниот проект „Унапредување на писменоста и усвојување на странските јазици кај учениците во основните училишта преку развивање на знаење, вештини, ставови и вредности во рамки на воннаставните активности“ на програмата Еразмус+. Околу 40 претставници од основните училишта и градските библиотеки проследија обуки за креативни пристапи и методи на изведување на воннаставните активности преку искуствата на колеги од Хрватска и од Бугарија. Носител на проектот беше Здружението „Доминиум културно јадро“ од Скопје во соработка со Градската библиотека од Риека и средното училиште „Св. Константин-Кирил Философ“ од Русе.

Според психологот Ана Попризова, координаторка на проектот, во изминатите 20 години, во нашата земја се спроведени реформи во основното образование, главно насочени кон формалното образование, занемарувајќи ја важноста на воннаставните активности во училиштата.
– Затоа проектот се фокусираше на воннаставните активности, поаѓајќи од анализа на начинот на нивното изведување од областа на писменоста и изучувањето на странските јазици во современите европски образовни системи. Сево ова низ призмата на состојбите во Бугарија и Хрватска, од каде доаѓаат партнерите во проектот, анализа на состојбата во нашето основно образование, преку спроведување на истражување во кое беа вклучени ученици, наставници и родители од пилот училишта – објаснува Попризова.

Од анализите и истражувањата произлегле трудови – корисен водич за наставниците за реализирање на воннаставни активности, споделување на добри практики и разработени модули за изведување на воннаставни активности од обласите на јазична писменост и изучување на странски јазици.
– Четириесеттина претставници од основните училишта и градските библиотеки проследија обуки за креативни пристапи и методи на изведување на воннаставните активности од овие области. Ги спроведоа претставници на нашите партнерски организации – Градската библиотека од Риека, добитник на признание за најдобра библиотека во Хрватска за 2020 годна и училиштето „Константин – Кирил Филозоф“ од Русе кое има долга традиција на изучување на странски јазици. Обуките предизвикаа голем интерес и ги инспирираа наставниците и претставниците од библиотеките да воведат новини во својата работа. Ги следевме и поддржувавме во овој процес и имаат одличен ефект и резултати во училиштата – вели Попризова.

Потребни се системски реформи

Во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје неодамна беа презентирани резултатите од проектот пред претставници од државните образовни институции вклучени во креирање на образовни политики и програми, и претставници од основни училишта и библиотеки на територијата на Град Скопје. Во пректот беа вклучени скопските основни училишта: Браќа Миладиновци, Дане Крапчев, Панајот Гиновски, Александар Македонски, Ѓорѓија Пулевски, Братство, и градските библиотеки „Браќа Миладиновци“ во Скопје и „Борка Талески“ во Прилеп.

– Тие беа вклучени преку анкети, прашалници и фокус групи, кои беа спроведени со ученици, наставници и родители. Имаа и обврска да имплементираат дел од содржините како пилот – активности. Наставниците изработија предлог-активности кои би можеле да се реализираат во основните училишта во вид на воннаставни активности од областите мајчин јазик и странски јазици. Се добија навистина корисни продукти, кои се достапни на веб-страницата на здружението – објаснува Попризова.

Пандемијата влијаела на реализацијата на проектот, бидејќи дел се случувал кога наставата се одвиваше онлајн и надворешни лица немаа пристап во училиштата. Голем дел од активностите се префрлиле онлајн. Резултатите од истражувањето покажале дека има простор за унапредување на воннаставните активности од областите на јазична писменост и користење на странски јазици.
– Најпрво, потребни се системски реформи во однос на спроведувањето на воннаставните активности со кои наставниците повеќе би се мотивирале да стават акцент на нив. Неопходни се промени во организација на работата на училиштето, промоцијата на овие активности пред учениците и родителите, начини на нивно вклучување, осовременување на методи на работа, вмрежување со градски библиотеки, нивни клонови и останати институции и слично – вели Попризова.

Градска библиотека во Риека е составен дел од јавниот градски живот на приморскиот град во Хрватска, но и центар на нови идеи еднакво достапни за сите. Нивната програма со деца и ученици е многу богата и е насочена кон описменување, читање, учење, користење и обуки на новите технологии за креативно и квалитетно исполнето слободно време. Акцентот е ставен на информатичка писменост и запознавање со новитетите во информатичките и комуникациски технологии за развивање на личните, културни, духовни и демократски потенцијали.

– „Константин – Кирил Филозоф“ од Русе е училиште во кое особен акцент се става на изучувањето на европски јазици – англиски, германски, шпански, руски и француски јазик. Училиштето е меѓу првите во Бугарија кое го вовело изучувањето на англискиот, германскиот и францускиот јазик уште од прво одделение. Нивните богати пракси и искуства беа добредојдени во процесот на имплементација на овој проект во соработка со наставниците од нашите основни училишта. Учеството на учениците во бројни и разновидни воннаставни активности, како драмски секции, теататрски изведби на странски јазици им овозможува дополнителни можности за надградба на основните знаења и формирање клучни компетенции – вели Попризова.

Има голем простор за регионална соработка

Според неа, има многу простор за работа на полето на унапредување на јазичната писменост и изучувањето на странски јазици во основно образование, преку добра системска поддршка, зајакнување на капацитетите на наставниците за реализирање на воннанставни активности на еден современ начин кој би бил привлечен и мотивирачки за учениците. Само со воведување на нови практики ќе се придонесе за развивање на јазичната писменост кај учениците од основно образование.
– Интердисциплинарноста, поврзувањето на различни наставни предмети и поголемата вмреженост меѓу институциите се некои од начините преку кои може да се надмине јазот помеѓу потребите на денешните ученици и јазичната писменост. На подолг рок, активностите на ова поле треба да резултираат со подобрување на јазичната писменост кај децата и младите – децидна е Попризова.

Според Тања Бадањак, раководителка на службата за координација на програми во Градскате библиотека во Риека, Еразмус+ програмите имаат голем потенцијал за поврзување со други организации и споделување на добри практики.
– Ние во Градската библиотека во Риека сакаме да учиме од другите и отворени сме за разговори кои ја воздигнуваат нашата работа и услугите што ги организираме за нашите корисници. Преку овој проект запознавме други институции кои ги споделуваат нашите вредности и од кои можеме да учиме и да ги споделиме нашите искуства – објаснува Бадањак.

Промовирањето на културата на читање е една од нивните клучни стратешки насоки. Најразвиените и особено значајни програми кои директно се вклучени во реализацијата на агендата за промовирање на читачката култура се нивните детски програми и Клубовите за читање.

– Се надеваме дека влијаевме на проектот со нашата приказна и нашите практики. Благодарни сме што имаме можност да работиме на овој значаен проект со нашите партнери. Целта на проектот е да го зајакне образовниот систем и резултатите што беа испорачани се во голема мера прилагодени на училишните потреби, но од друга страна се приспособливи за други системи и можат да бидат основа за други образовни експерти. Во тоа лежи најголемата вредност што ја има овој проект. Тој истовремено е локален, но може да се прилагоди и за други корисници. Се надеваме дека со споделување на нашите библиотечни практики и програмски формати помогнавме во пишувањето на идните воннаставни активности и детски програми. И дека го нагласуваме значењето на училишните библиотеки и народните библиотеки како клучни партнери во образовниот систем – објаснува Бадањак.

Таа вели дека најголема важност е проширувањето надвор од нивната локална заедница и да видат други перспективи.
– За жал, околностите во изминатите 3 години беа ограничувачки во однос на патувањето и средбите во живо поради пандемијата. Сепак сме среќни што конечно ја посетивме вашата земја и што го заокружуваме овој проект со последниот транснационалниот состанок меѓу партнерите во Скопје – вели Бадањак.
Според Билјана Илиева, заменик-директорка на училиштето „Св. Константин-Кирил Филозоф“, соработките помеѓу партнерските институции се многу важни, особено можностите кои се однесуваат на Еразмус+ програмата.
– Се надеваме дека во иднина нашата соработка ќе продолжи и дека учениците и младите ќе имаат придобивка од овој проект и нашите идни активности – вели Илиева.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.