Сите ние сме стражари на ноќта – вечерва промоција на изложбената поезија на Марија Митева

Оваа изложбена поезија има призвук на рок-поезија, обработува урбани, општествени, социјални, геополитички, емотивни и егзистенцијални теми на сленговски јазик, кои го отсликуваат македонското и универзалното секојдневие на игрив начин, неретко со ритам и внатрешна рима, со филмски колажи и игри на зборови – вели Лидија Димковска

Збирката „Стражари на ноќта“ од авторката Марија Митева содржи 24 песни, се поврзани со Скопје. Книгата во издание на „Полица“ ќе биде промовирана вечерва во 20 часот во „Мала станица“. Овие длабоко емотивни песни, Митева во соработка со седуммина други уметници ги има претворено во нова, хибридна форма што таа ја нарекува изложбена поезија. Збирката има 24 постери, на кои е илустрирана по една од песните и наместо меѓу корици како книга, сместена е во папка. Темите кои се во фокус на поезијата се прелеваат од  општествениот живот во капиталистичкото уредување, предизвиците на урбаното живеење, преку секојдневните соочувања со системот, до многу интимни и длабоки човекови емотивни состојби кои се нераскинлив дел од општественото битисување.

Марија Митева

Поразговаравме со младата авторка, за која ова е трета книга, по збирката раскази „Највисокото дно“ (2020).

– Официјалниот почеток на пишување позеија би бил „Стражари на ноќта“, но нашата „врска“ е од поодамна. Прво започнав со некои шкртки кои се обидуваа да бидат рап стихови. Па, по тоа мислев дека сум ја надраснала поезијата чувствувајќи се тесно во нејзиниот краток израз. Во тој период бев шармирана од расказите како форма. Но, по трета година факултет, откако ги поминав теориите на книжевност и откако читавме поезија како за појадок, сфатив дека некое жарче повторно се буди. Почнав да наоѓам патишта кои претходно не можев да ги видам. Па истовремено ми стана многу забавно и многу потребно. И веројатно тука е предизвикот, во играта – вели Митева.

Идејата за настанот се надоврза на духот на збирката, објаснува таа.

– Ако имаме илустрирана поезија која е предвидена за изложување, тогаш треба и да направиме промоција во форма на изложба. Збирката „Стражари на ноќта“ со својата форма – овозможува одново да се создава, смислува, да се менува и да се споделува, а содржински поставува предизвик како уметници од различни уметнички гранки би одговориле на исти теми. Па во тој ритам, ќе продолжи и настанот, каде посетителите ќе имаат свој удел во понатамошно создавање на делото.

На прашањето како ги избрала илустраторите автори, таа вели:

Во суштина тоа се уметници на кои им се восхитувам поради нивната работна етика, нивната сестраност, посветеност, генијалност, остро око, професионалци од кои многу учам и ме инспирираат. Имав ретка чест да разменувам размисли преку уметноста заедно со уметници со различни позадини, како: Зоран Кардула, Владимир Мартиновски, Александар Стојчевски, Катерина Јовчевска, Филип Ивановски-Пепе, Филип Мартиновски и Ања Ангеловска. Преку различните техники со кои се служиме, разменивме и светогледи на универзалните теми кои се дел од современото живеење. И едно се потврди – сите ние сме стражари на ноќта!

Лидија Димковска, поетеса, прозаистка, преведувачка и добитничка на наградата „Стале Попов“ и на Европската награда за литература за „Стражари на ноќта“ за ова дело на Митева вели:

Оваа изложбена поезија има призвук на рок-поезија, обработува урбани, општествени, социјални, геополитички, емотивни и егзистенцијални теми на сленговски јазик, кои го отсликуваат македонското и универзалното секојдневие на игрив начин, неретко со ритам и внатрешна рима, со филмски колажи и игри на зборови.

Сподели