Во издание на „Восток“ деновиве излезе од печат романот „Синовите на Адам“ на македонскиот писател Михајло Свидерски. „Синовите на Адам“ е роман за хероите кои смело се извлекуваат од мракот и чекорат кон светлината. Приказната нѐ води низ најпотресните случувања на македонското транзициско општество, и укажува на последиците што обично ги понедуваат недолжните.

Од издавачката куќа велат дека романот обработува потресна, вистинска животна приказна за страдањето на едно дете, кое паѓа во мрежите на настраните забави како објект на мрачните уживања на елитите. Во големите куќи на елитните населби на Скопје, во темните соби се носат деца заради забава. Рајот за оние што можат да си дозволат сѐ што ќе посакаат станува пекол за оние што излегуват оттаму. Романот отвора досега неотворени и табуизирани теми во македонската книжевност, што го прави Свидерски редок автор што ѕирнува во најтемните страни на македонското транзициско општество.

Михајло Свидерски е автор на романите: „Бело и Црвено“, „Последните денови на Ханс“ и „Синовите на Адам“, како и на четири поетски збирки. Добитник е на повеќе домашни и меѓународни награди. Преведуван е на англиски, руски, арапски, шпански, грчки, унгарски, баскиски, српски и бугарски јазик.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.