Синдикалната борба на вработените на УКЛО и другите јавни универзитети е оправдана, заслужуваме подобра позиција како двигатели на напредокoт

Синдикатите на вработените од пет државни универзитети – „Климент Охридски“ – Битола, „Гоце Делчев“ – Штип, ДУТ „Мајка Тереза“ од Скопје и „Св. Апостол Павле“ од Охрид, денес одржаа мирен протест пред своите ректорати.

Причина за незадоволството се непотпишните колективни договори со основачот на јавните универзитети, што вработените во овие установи ги стави во нерамноправна и нееднаква положба, иако целосната и комплетна документација пред повеќе месеци е доставена во македонското Собрание.

Претседателот на Синдикатот на УКЛО, проф. д-р Саша Дуковски порача дека синдикалната борба е оправдана, вработените на УКЛО и другите јавни универзитети заслужуваат позиција соодветно на општествената дејност како носители и двигатели на секој напредок.

Поддршка на Синдикатот и синдикалните права на вработените на УКЛО и другите јавни универзитети од име на раководството изрази и ректорот, проф. д-р Игор Неделковски кој се заложи за трајно регулирање на правата и обврските на вработените на јавните универзитети, вклучително и УКЛО. Тој истакна дека на премиерот Џафери, при денешната посета на УКЛО, му предочил дека ваквата ситуација, без разлика кои се причините, значи не само правен акт на дискриминација, туку девалвација, бидејќи професорите, вработените и студентите на сите јавни универзитети се вработуваат под еднакви услови и извршуваат еднакви работни задачи.
Тој информира дека од претседателот на Собранието добиена е порака за покренување итна иницијатива за измени на Законот за високото образование со кои ќе се регулира коефициентот за исплата на платата на вработените во јавните високообразовни установи.

Здружените синдикати ќе останат обединети за враќање на заслужениот дигнитет и доколку не се пристапи кон потпишување на колективните договори се најавува дополнителен синдикален притисок и масовност за актуализирање на барањата за угледот на вработените во високото образование, за уважување на нивните работнички права, што е многу повеќе од борба за достоинствени плати.

Сподели