Симон Трпчески и пријателите ќе го свират „Македонисимо“ на 1.060 метри надморска височина

Концертот ќе биде на 27 август во родното место на неговиот татко, живописното струшко село Збажди, сместено во пазувите на областа Малесија, на планината Караорман

Пијанистот Симон Трпчески и пријателите ќе го изведат проектот „Македонисимо“ во родното место на неговиот татко, живописното струшко село Збажди, сместено во пазувите на областа Малесија, на планината Караорман. На 27 август, наспроти христијанскиот празник Голема Богородица, во 17.30 часот, Трпчески и пријателите ќе изведат прилагодена програма од албумот „Македонисимо“ што го обиколи светот.

Меноста Кутел кај селото Збажди

– Следно: најавтентичното опкружување за македонска претпремиера на „Македонисимо“! Селото Збажди, родното место на мојот татко, во револуционерна Малесија! Следете го претстојниот македонски музички „огномет“! – најави Трпчески.

Споменикот на првата слободна територија во повоена Македонија

Од Здружението за култура и уметност „КултурОп“ велат дека во овој проект на оригинален начин се обработува македонската народна музика од страна на нашиот композитор, Панде Шахов.

– Како што вели Трпчески, „со својот посебен музички јазик ја обои на многу поинаков начин, испреплетувајќи со нашата традиционална музика различни музички стилови – велат од „КултурОп“.

Уникатниот тим на квинтетот „Македонисимо“ го сочинуваат и Александар Краповски на виолина, Александар Сомов на виолончело, Хидан Мамудов на кларинет, саксофон и на кавал, а зад удиралките е Влатко Нушев.

Напиот најпознат пијанист ја заврши својата концертна сезона 2021/22 со концертот во петокот, на светски познатата сцена „Театро Колон“ во Буенос Аирес, што „Нешнл Џиографик“ ја вбројува во десетте најубави оперски сали во светот.

– На своето деби пред одушевената аргентинска публика, Трпчески заедно со Филхармонискиот оркестар на Буенос Аирес под диригентската палка на Давид дел Пино Клинге од Перу го изведе Вториот концерт за пијано и оркестар од Рахмањинов – велат од „КултурОп“.

Со диригентот Давид дел Пино Клинге

Претходно Трпчески настапи во Хрватска (рецитал во Загреб во рамките на „Гричките вечери“), Јужна Кореја (со рецитал и на барање на публиката повторна изведба на „Македонисимо“), Соединетите американски држави (со Грант Парк оркестарот на престижната отворена сцена во Чикаго), а во Отава, Канада во рамките на „Камерниот музички фестивал“ се случи и северноамериканската премиера на „Македонисимо“.

Сподели