Симон Трпчески: Горд сум што „Македонисимо“ ќе одекне во селото на мојот татко, на моето детство

„Македонисимо“ доаѓа дома и ова е еден почеток на големиот музички огномет кој почнува да се случува кај нас, вели маестро Трпчески, кој денеска во 17.30 часот, заедно со својот квинтет ќе го изведе меѓународниот проект во струшкото село Збажди

По пет години споделување на македонскиот ритам, бит и култура, почнувајќи од фестивалот Лудвигсбург, Германија, каде ја имаше светската премиера, па низ Холандија, Црна Гора, Романија, Полска, Словенија, Германија, Обединетото Кралство, Кореја, Канада, Франција, Швајцарија…, проектот „Македонисимо“ на Симон Трпчески и неговиот квинтет, ќе си дојде дома. Во 17.30 часот во селото Збажди, Струшко, местото каде што маестро Трпчески го поминал своето детство, ќе се одржи претпремиерата на овој светски проект.

Со Трпчески ќе настапи неговиот квинтет, составен од: Александар Краповски на виолина, Александар Сомов на виолончело, Хидан Мамудов на кларинет, саксофон и на кавал, а зад удиралките е Влатко Нушев. Во Збажди ќе присуствува и композиторот Панде Шахов, кој ја направи транскрипцијата на прекрасните музички дела и кој, како што вели Трпчески, „со својот посебен музички јазик ја обои на многу поинаков начин, испреплетувајќи со нашата традиционална музика различни музички стилови“.

с. Збажди

– Среќен сум и особено горд што претпремиерата, првото изведување на проектот „Македонисимо“ ќе се случи во исклучително автентична околина, во селото на мојот татко – Збажди, околијата Малесија, во славна Дебра, на планината Караорман, Струшко, каде го поминав своето детство и летните одмори – изјави маестро Трпчески за Умно.мк.

– Она што се вткајало во мојот код и сето мое разбирање за музиката доаѓа од таму, понатаму се развило во моето образование. Но, сржта за народната музика ја имав во оваа рурална средина каде што моите баба и дедо живееле, работеле, го воделе нормалниот секојдневен живот со многу препреки, со многу предизвици, убави и човечки моменти. Сето она што сите ние во претставата и знаењето за нашите предци сме го растеле, заедно со автентичната македонска народна музика, која на многу софистициран начин е претставена во проектот „Македонисимо“ – вели Трпчески.

Симон Трпчески

Тој е пресреќен што многу луѓе го прифатија предизвикот да се вклучат во реализација на настанот, со оглед на тоа дека е многу покомплексно од организирање концерти во град.

– Дел и од оние луѓе што не го знаеле, ќе имаат можност да го запознаат местото. Не само Збажди, но и околината на Малесија, која има важна улога во НОВ во Македонија, така што, од тој аспект би сакал да се заблагодарам на здружението „КултурОп“, на People Media, Црковниот одбор во Збажди и сите оние големи Македонци во својата душа, кои со најискрена душа и неверојатна жар влегоа во организацијата на овој настан. Во прекрасно место во месноста Кутел, в очи големиот христијански празник Голема Богородица, кој буди многу спомени од детството, кое се уште живее во село Збажди, благодарение на сите оние луѓе што ја оживуваат таа традиција и ја почитуваат. Тоа е обележје на еден народ, а Македонците имаат многу со што да се гордеат. Моќта е во корените, во самосознанието, самопочитта за своето, и за друго и културно обележје на кој било народ во светот. „Македонисимо“ доаѓа дома и ова е еден почеток на големиот музички огномет кој почнува да се случува кај нас – завршува Трпчески.

Тој посебно му се заблагодарува на Новко Плаќеноски, сопственик на PN Metal, кој е несекојдневен поддржувач на настанот и кој не е ниту од тој крај.

Насловна фотографија: Од настапот во Клуж, Романија 2019 година

Сподели