„Силјан“ на Котевска долета во Македонија: Мило ми е што светот го виде, но уште помило ми е да се гледа дома

Без разлика каде бев, не постои чувство што ќе ми го замени овој настан пред домашната публика, ова е мојата најголема гордост. Овој филм настана без идејата да стигне толку далеку и настана за нашата публика. Мило ми е што филмот го виде светот, ама повеќе од се’ ми е мило што го видовте сите вие и што ќе го гледа цела Македонија, затоа што планираме да има проекции низ цела Македонија и во секој град, затоа што сметаме дека луѓето од помалите места и тоа како заслужуваат да гледаат филмови, а немаат можност – рече режисерката Тамара Котевска, синоќа по македонската премиера на филмот „Приказната за Силјан“, што се одржа во Македонскиот народен театар во Скопје.

Добар дел од екипата што работеше на филмот беше присутна да се поклони, а публиката со бурни аплаузи и овации ги поддржа за ова остварување на Котевска, нашиот кандидат за „Оскар“, кој, за жал, не успеа да влезе во финалната игра за номинација. Меѓу гостите на премиерата беа и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, премиерот Христијан Мицкоски, министерот за култура и туризам, Зоран Љутков и др.

– Луѓето како Никола и неговата фамилија, ми даваат смисла на животот и зашто правам филмови за нив, зашто сметам дека приказните особено од подлабоките места во Македонија ми се особено драги да ги промовирам и да бидам дел од сето тоа и дел од тие заборавени светови, а всушност се суштината, а ни ги држат корените. Особено сум горда на оваа екипа, што се бореше од почеток до крај без пари голем дел од времето, финансиите дојдоа многу подоцна и вакви луѓе навистина заслужуваат буквално се’. Поздрав и од кинематраферот Жан Дакар, кој мораше да замине во Америка на Cinema Honors, јас не заминав поради премиерата. Посакувам некои работи што ги видовте во филмот да се сменат засекогаш, но исто така и посакувам некои други да не се сменат никогаш – заврши Котевска.

На премиерата присуствуваше и семејството Цоневи од с. Чешиново, околу кои се врти приказната во „Силјан“. Од 15 јануари, филмот ќе се прикажува и во киното „Синеплекс“, како и низ Македонија.

Македонски продуцент е Јорданчо Петковски, кој заедно со монтажерот Мартин Иванов, соработниците Трифун Ситниковски, Верица Недеска и други, се поклонија пред публиката.

Сподели