Сибел Абдиу: „Демнејќи го Годо“ ќе понуди паметен хумор и длабоки пораки

Нејзините претстави на сцената на Турскиот театар се провокативни, интересни и привлекуваат публика. „Слугинки“ и „Човек-перница“ се на репертоар во последната сезона, а од утревечер, нестрпливо се очекува и премиерата на „Демнејќи го Годо“, прва копродукција помеѓу Театар Комедија и Турскиот театар од Скопје. Младата режисерка Сибел Абдиу со овој проект ги обедини дел од ансамблите на овие театри кои десетина години живеат под ист покрив.

Со Абдиу разговаравме за овој нов режисерски предизвик, но и многу други теми поврзани со театарот, воопшто.

Сибел Абдиу

Утревечер Ве очекува премиерата на нова претстава „Демнејќи го Годо“ по текст на словенечкиот автор Драго Јанчар. Прв пат се спојуваат во соработка Театарот Комедија и Турскиот театар, кои повеќе од 10 години делат ист покрив. Каков предизвик беше за Вас оваа соработка?

– Во однос на соработката немавме предизвици, наспроти процесот поминува многу забавно и креативно. Но, кога веќе треба да споменам каков било предизвик, тоа би бил драматуршкиот аспект. Бидејќи според оригиналниот текст во делото „Демнејќи го Годо“ има само три лика, а јас располагам со 5 актери апропо копродукцијата помеѓу двата театри. Можам да кажам дека предизвик беше да се „создадат“ тие додадени два лика. Но, и тоа помина лесно земајќи го предвид фактот дека работам со исклучително искусни и креативни актери од двата театри (Жаклина Стевковска, Џенап Самет, Селпин Керим, Едмонд Сотир и Сузан Акбелге).

Дали во основа Јанчар се инспирирал од „Чекајќи го Годо“ на Бекет?

– Дефинитивно Драго Јанчар е инспириран од „Чекајќи го Годо“ на Самуел Бекет. Дури и може да се каже дека е еден вид на парафраза на „Чекајќи го Годо“. Но, ние заедно со актерската екипа направивме една дистанца од тој, да го наречам старомоден апсурд и на овој современ текст му дадовме една нова посовремена димензија на интерпретација. Публиката може да очекува паметен хумор и длабоки пораки.

Жаклина Стефковска во сцена од „Демнејќи го Годо“

Две Ваши претстави веќе се играат на сцената на Турскиот театар – „Слугинки“ и „Човек-перница“. Интересно е дека и во двете работите со по тројца актери на сцена. Случајно или намерно одбравте да работите со помалку актери?

– Точно е дека во „Слугинки“ работев со тројца актери, додека пак во „Човек перница“ со четворица актери. Но далеку од тоа дека текстовите ги бирам според број на ликови. Обично „ми доаѓаат“ инстиктивно или поточно базирано на темата и пораките кои во тие дадени моменти на одлучување ми биле важни да ги простудирам и анализирам или едноставно ме инспирирале.

На последниот МТФ „Војдан Чернодрински“, токму „Човек-перница“ беше наградена со две актерски признанија – Дин Ибрахим за машка епизодна улога и Хакан Даци – за млад актер. Одлична претстава прилично херметички затворена, а публиката станува дел од неа, со оглед на камерниот карактер. Беше ли тешко да се справите со Мартин Мекдона?

– Мартин Мекдона, било како филмски режисер, било како автор на драмски текстови, отсекогаш ме фасцинирал. „Човек перница“ беше текст кој го имав прочитано пред многу години, и уште тогаш имав некоја бледа визија за тоа дека би сакала некогаш некаде да го поставам, но го чекав правиот момент. Кога се потврди копродукцијата со Турски театар, почнав подлабоко да го анализирам текстот и да го прецисирам концептот заедно со мојот тим на соработници. Морам да признаам дека предизвик беше за сите нас да го најдеме точниот театарски јазик за да ја направиме претставата таква каква што испадна на крај, но работев со фасцинантни млади актери кои до крај ми веруваа, а веруваа и во проектот, така што се посветија целосно и без резерви се дадоа во тој процес.

„Слугинки“ на Турски театар

Каква е посетеноста во Турскиот театар? Има ли публиката што не го зборува турскиот јазик можеби предрасуди да доаѓа и да ги гледа претставите на турски (иако секоја од нив е титлувана).

– Моите претстави се секогаш посетувани и од не-турска публика. Мала шала. Во однос на посетеноста не би можела да шпекулирам, бидејќи не сум таму вработена и немам увид во тие информации, но тој театар отсекогаш имал на репертоар квалитетни продукции кои биле посетувани и од турската публика, а и од публика која не го познава турскиот јазик. Откога постои тој театар бил опремен со механизми за превод (симултан некои години во минатото и сега титл) и сите нивни претстави се титлувани на македонски јазик. Сепак би сакала да ја потсетам публиката да немаат предрасуди во однос на јазикот, бидејќи театарот е една визуелна уметност, која дури и покрај јазичните бариери, може потполно да се ужива.

Може да ни откриете повеќе за проектот „Цезар“, што вие го режиравте во Истанбул?

– „Цезар“ од Шекспир беше проект кој го режирав во септември оваа година во Истанбул во приватниот театар КАТС кој се наоѓа во центарот на Истанбул. Се работи за еспериментална камерна интерпретација на „Јулиј Цезар“ од Шекспир со примеси на физички театар. Имав прилика да работам со извонредна екипа, високо професионални актери кои точно си ја разбраа задачата и целосно се посветија на проектот. Претставата е на редовниот репертоар на КАТС и игра по два пати неделно, а од јануари се планира да гостува по фестивали во државата и надвор од неа.

Со вашата продукциска куќа Маchina Production се занимавате и со филм. „Краткиот Так-Так“ на Јане Алтипармаков Ви е последен проект . Што е следно на ова поле? Дали имате некој нов проект?

– Да, точно е дека соработувавме со Јане. Во неговиот филм „Так-Так“ ние бевме копродуценти, а во моментов работиме на неколку проекти. Пред извесно време снимивме еден краткометражен документарен филм кој е во фаза на постпродукција и наскоро ќе имаме премиера. Покрај тоа, го имаме и долгометражниот игран филм „Дебора“ во копродукција со Рејвен Сити продукција од Приштина кој е во фаза на снимање. Како и некои други проекти кои се во рана фаза на реализација, така што за нив е рано да откријам детали.

Сподели