Што треба да направи секој наставник пред почетокот на учебната година?

Пишува: м-р Гоце Бумбароски, одделенски наставник ООУ „Кочо Рацин“ – Прилеп

Летото секогаш минува брзо! Пред да сте свесни веќе дошло време да се вратите на училиште, а не сте постигнале ниту до половина од вашата листа со летни активности. Но, што е тука е, 1 септември е на чекор од нас, па еве 10 работи што треба секој наставник да ги направи пред да застане пред своите ученици.

1. Грижа за себе

Ова сигурно не е првото нешто на кое помислувате кога ќе почнете да се подготвувате за претстојната учебна година, но верувајте тоа е првото нешто на списокот бидејќи вие сте највредниот ресурс што ќе го имаат вашите ученици во текот на годината!
Учебната година е многу напорна, стресна и бара голема енергија. Осигурајте се дека сте во добра психо-физичка здравствена состојба, сè е на второ место во споредба со здравјето.
Редовната грижа за себе ќе помогне да се намали стресот, да се спречи исцрпеноста и да ја задржите енергија за задачите што претстојат!

2. Подгответе ги основните работи за на работа (училиште)

Осигурајте се дека поседувате добра „училишна” чанта, ранец или торба каде што ќе ги носите сите ваши неопходни училишни материјали, напред – назад цела година и нема да ви предизвикува болки во рамото или грбот!
Нема да можете секогаш да се потпрете на вашето училиште и да верувате дека ќе ви обезбеди одредени алатки кои ќе ви помогнат да се подготвите во текот на учебната година – печатени материјали, лаптоп, печатар, нагледни средства, но сè што мислите дека ќе ви треба, треба да донесете од дома за секој случај.
Задолжително чувајте полнач за телефон во фиоката од вашата работна маса, верувам дека ќе ви помогне во деновите кога неочекувано ќе заборавите да го наполните преку ноќ.
Шолјата за кафе или чај, влажните марамчиња, бришачот за раце, течниот сапун и сè друго што можеби ќе ви затреба – внесете ги во текот на првата недела од учебната година. Поминувате голем дел од денот во вашата училница, вашиот втор дом, па важно е да ви биде удобно!

3. Подгответе ја вашата училница

Како сакате да се чувствуваат вашите учениците кога ќе влезат во училницата? Според мене тие треба да се чувствуваат возбудени и исполнети со можности. Тие исто така треба да се чувствуваат прифатени, подготвени за учење и желни да бидат дел од заедницата. Дали ова звучи невозможно? Не, но потребна е подготовка…
Вашата училница кажува многу за тоа кој/а сте вие. Направете ја ваша! Додадете го вашиот уникатен допир. Ако сте опседнати со жирафи – додадете неколку! И вие сте дел од заедницата во училницата. Кога учениците ќе видат како ја додавате вашата уникатна личност во декорот на училницата и тие ќе се чувствуваат поканети да внесат свој шмек.
Започнете постепено, правете по малку за да го задржите стресот на ниско ниво и погрижете се да имате успешен почеток и прекрасна нова учебна година!

4. Внимателно испланирајте го вашиот прв ден и вашата прва наставна недела

Наставата бара флексибилност и подготовка. Ниту еден дел од учебната година не е покритичен од првиот ден, првата недела! Зошто? – затоа што секој почеток е полн со неизвесности. Ова е моментот кога вашите активности, игри и задачи треба да се планираат до минута. Последното нешто што не сакате во одделението е да има досада или лошо однесување.
Ништо не му помага на наставникот да биде спокоен како добро осмислените планови за реализација на чесовите.

5. Подгответе секојдневна рутина

Првиот ден и првата недела на училиште се многу важни, но ќе имате цела година за да се навикнете, па затоа е важно да изградите рутина за да останете на врвот на работата што ја работите. Поставете правила на однесување, но и контрола на обврските.

6. Планирајте го користењето на ИТ-технологијата

Без разлика во кое училиште работите, верувам дека имате одредена технологија со која ќе се „борите”.
Како и кога ќе ја вклучите технологијата? Предлагам првично да ја проверите пред почеток на учебната година, додека ја подготвувате училницата, во време кога нема ученици. Така ќе знаете дали е во функција.
За време на наставата полесно е да започнете со вклучување на технологијата пред почеток на часот, т.е за време на одморите. Така навреме да бидете подготвени за претстојниот час. А со тоа ќе им дадете до знаење на вашите ученици дека добрата подготовка секогаш води кон успех.

7. Направете план за вашиот професионален развој

Вашите цели за учебната година се важни. Колку порано ги изберете, толку повеќе можете да постигнете.
Вашиот професионален развој е важен за вашата кариера, затоа мора да го заштитите и надоградите! Направете список на обуки и компетенции кои ви се потребни и потоа заедно со колегите направете план за професионален развој, изберете соодветни обуки и сето тоа ставете го во годишниот календар за посета/реализација.

8. Бидете чекор пред „малите нешта”

Ние наставниците имаме милион мали нешта кои ги правиме секој училишен ден. Толку многу што често забораваме да одиме во тоалет! Копирање, острење моливи, врзување врвки, поставување инструкции за задачи, собирање книги, состанок со родители, консултативен разговор со колегите, координација со директорот, советување со стручната служба – списокот никогаш не завршува…
Затоа предлагам да бидете љубезни кон себе и насочете се да бидете понапред од “малите нешта”. Направете список и поделете ги задачите на најитни и најмалку итни. Дајте приоритет на работите, пример состанок со родителите пред подготовката на лекцијата за утре.

9. Финти за полесна учебна година

Прегледајте го минатогодишниот наставен план и/или распоред на часови ако сте во исто одделение. Иако можеби нема да го користите истиот распоред или работење, тоа може да ви даде некои добри идеи!
Повозрасните наставниците се одличен ресурс, како за новите наставници, така и едни за други – искористете го нивното искуство. Формирајте мешани тимови со колегите за да разменувате искуства, иако не предавате исти предмети.
Имајте неформални состаноци/дружби со колегите надвор од училиштето.

10. Менаџирање со вашата училница

Одвојте време да одлучите како сакате учениците да бидат организирани во вашето одделение. Секој наставник има различен стил, но секој ученик има корист од јасни правила. Дали учениците ќе седат постојано на едно место во училницата или ќе можат да ротираат? Дали ќе ги поделите по тимови? Дали ќе вклучите забавни квизови, награди и игри кои ќе ги возбудат учениците?
Што и да правите, најдобро е да ја започнете годината со план за управување со училницата и да го приспособите навреме, наместо да лутате кога ќе сфатите дека имате проблем.

„Наставник е личност која може да ги олесни тешките работи“ – Р. Емерсон

Фотографија: Pixabay

 

Сподели