„Што е прво? Филмот или приказната“ – најава за 9. „Киненова“

Под мотото „Што е прво? Филмот или приказната“, од 16 до 20 октомври во Скопје ќе се одржи 9. издание на Филмскиот фестивал „Киненова“. Фестивалот ќе биде отворен со долгометражниот анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ на режисерот Гоце Цветановски.

– И да бидам актуелен, доследен на експозето, да го надоградам и проширам истото па да кажам: Што е прво? Уметникот или институцијата од каде ја добива поддршката? Фестивалот или неговите гости и филмовите или ефектот кој истиот го има на филмската дејност, на унапредувањето на филмското образование, и крајно, на подигањето на општествената свест и нивото на културното живеење во државата? Што е прво? Би прашал. Државата или граѓанинот? Прво е заедничкото или поединечното, индивидуалното? Или можеби обете? Звучи субверзивно. Да, знам – рече Небојша Јовановиќ, директор на фестивалот.

Филмот „Јон Вардар против Галаксијата“ во исто време е дел од главната натпреварувачка програма. Се работи за анимирана интергалактичка авантура која во исто време е алегорија за актуелните случувања во човештвото и нашата природа како и луди методи на решавање на проблемите, анимирана луда црна комедија која нема да можете да ја заборавите никогаш, истакна Јовановиќ.

За селекцијата на филмови кои ќе може да се погледнат во текот на фестивалските денови пред присутните говореше Игор Анѓелков, селектор на главната програма.

-Предјубилејното издание на „КинеНова“ ни носи шест силни авторски остварувања од различни кинематографии. Живееме во пост-ковид времиња кога се’ е возможно, па затоа решивме годинашниот фестивал да ни понуди еден фин микс од еклектични филмски жанрови, кои сепак ги поврзува една заедничка нишка – внатрешната човекова борба против најголемиот непријател, самиот себе, а потоа и против Другиот, непознатиот, оној што живее во злобниот паралелен универзум. Нашиот најчест фестивалски гостин се остварувањата од омилената иранска кинематографија. Колку и да ја обожуваме, сепак никако не можеме да прифатиме дека и понатаму оваа земја ги затвора своите чеда поради занимавање со филмската уметност и љубење на вистината. Во силното грчко остварување, пак, се соочуваме токму со моќта на филмот да ни раскаже приказна за чедоморството, кое кај нашиот јужен сосед се случувало се до доцниот 20 век, пред да биде забрането со закон. А поигрувањето со законот скапо го чинеше изрелскиот (анти)херој кој реши да направи хаос во и онака хаотичната држава која во моментов е во немилосрдна војна со својот вечен непријател. Војната остава лузни врз душата, а тоа многу добро го прикажува хрватскиот режисер во својот дебитантски филм кој се случува недалеку од военото поле на кое нема правила. Правила нема ниту во детските игри, каде секој може да има свое кралство, а момчето во филмот на црногорскиот режисер посакува само едно нешто – семејна хармонија. За тоа му треба супер херој, можеби некој како Јон Вардар, првиот долгометражен македонски анимиран филм. Да, тој е семоќен, и со неговата магија ќе биде отворено годинашното деветто издание на фестивалот,кој ги слави првите и втори остварувања на младите синеасти.
Како и секогаш, Ви посакувам добри проекции и многу научени лекции. Филмски, и животни. Во темнината на киното. На сребрениот екран. Се гледаме таму, подвлече Анѓелков.

Традиционално МФФ КИНЕНОВА претставува една непозната за нас земја и кинематографија преку програмата „Фокус на…“ Оваа година тоа е за нас далечната, северна и ладна земја, но според филмовите кои ќе се прикажат на „Киненова“, прилично потентна кинематографија – финската.

Оваа програма во рамките на 9. Киненова всушност ќе го означи првото претставување на финската современа кинематографија пред македонската публика и јавност. На програмата се два феноменални филма од финските автори кои во последниве години освоија значајни награди и го освоија вниманието на светските фестивали. Покрај класикот Аки Каурисмаки, новата генерација фински синеасти започна да го освојува светот со своите интересни приказни од крајниот север на Европа.

„Киненова“ секоја година дава значаен и суштински придонес во надополнување на филмското образовани во државата, преку специјализирани работилници.

– Оваа година имаме автентична работилница за развој на идеи и сценарија за кратки филмови кои се засноваат или се инспирирани од реални случувања, конкретен настан или постоечки лик. Работилницата, низ специфичен и јасно дефиниран процес ќе ја води професорката, драматург и сценарист од Атина, Ерини Демирцаки, информираше Јовановиќ.

Сподели