„Ши, ѕифри, копчи“ е сликовница во која стиховите стануваат слики, а илустрациите – песни

Сликовницата „Ши, ѕифри, копчи“ е најновото дело на авторот Владимир Лукаш и илустраторката Наталија Лукомска. Таа беше промовирана во книжарницата Literatura.mk Superstore во Скопје сити мол.

„Ши, ѕифри, копчи“ е збирка поезија за деца со многу интересна структура. Замислена е како „пеење“ на мечокот Гриз Ли, кој онеобичувајќи го светот околу себе нѐ води низ еден ден – од неговиот почеток до крајот, од будењето до заспивањето. Гриз Ли измислува зборови, наутро вели ШИ (наместо добро утро), напладне ЅИФРИ (наместо добар ден) и навечер КОПЧИ (наместо добро вечер). Измислувањето нови, непознати зборови за стари, познати нешта ја поттикнува креативноста на децата и нивната јазична слобода – вели уредничката Оливера Ќорвезироска.
На суптилен, забавен и игрив начин, со раскошни илустрации, Лукаш и Лукомска пренесуваат едукативна порака за младите читатели. „Ши, ѕифри, копчи“ поучува дека е убаво да се вели Добро утроДобар ден и Добро вечер, тоа се магични зборови што секогаш будат надеж и изнудуваат насмевка на лицата на луѓето.
– Преку оваа сликовница на децата им порачувам дека е здраво да се вели Добро утроДобар ден и Добро вечер и кога утрото е мрачно и кога денот е дождлив и кога ноќта е студена, затоа што тие три едноставни двозборки речиси секогаш влеваат надеж и исцртуваат насмевки на лицата… Некои тоа го прават со зборови, некои со мелодии, некои со цртеж итн. Самите приказни го наметнуваат начинот на кој ќе бидат интерпретирани. Едноставно, си раскажувам приказна на себеси и се обидувам да ја прераскажам најдобро што можам. Понекогаш успевам во тоа, понекогаш не. Како и со музичките инструменти, и раскажувачкиот тон мора да се „наштима“, да му се даде хармонија во која сите карактери ќе можат да се чувствуваат како дома – рече Лукаш.

Ова е сликовница во која стиховите стануваат слики, а илустрациите – песни. Цртежите на Наталија Лукомска им даваат нова димензија на песните, зашто и самите стануваат песни и можат да се интерпретираат на сосема поинаков начин. Но, ни за миг сликата не бега од стихот, ниту, пак, стихот од сликата. Тие решаваат да се дружат и заедно да појдат во нови авантури, вели Лукаш.

Лукомска е полска илустраторка и графичка дизајнерка која живее и работи во Скопје. Се занимава со илустрирање и графичка обработка на книги и дизајн на постери, црта детски книги, дизајнира корици, соработува со издавачи и културни институции во Полска и во Македонија. Предава полски јазик и преведува книги. Ова не е прва соработка со Лукаш.
– Со Владимир Лукаш се познаваме веќе некое време и одамна зборувавме да нацртаме нешто заедно. Благодарение на уредничката Оливера Ќорвезироска, која нѐ спои во овој проект, излезе ова чудно, шарено животинско царство. Лукаш го ценам како одличен уметник – илустратор, писател, музичар. Всушност, не знам зошто самиот не си ги илустрираше стиховите, би го направил тоа одлично, во свој карактеристичен, неповторлив стил, па затоа уште повеќе сум благодарна што можевме да соработуваме, што поверува во мене и што ми даде апсолутна слобода во мојот креативен процес. „Ши, ѕифри, копчи“ е многу разиграна, динамична приказна, ја ценам поради нејзиниот вешт јазик и, пред сѐ, поради хуморот. Иако песните можат да се читаат посебно и секоја по себе претставува еден микросвет, сите заедно создаваат една живописна, шумска приказна, во која се случуваат најобичните и истовремено најнеобичните нешта. Тоа ја прави да биде извонредно четиво – го препознаваме како фиктивен, но сакаме да „нурнеме“ во тој свет и да ги ѕиркаме животните, во нивните необични случки препознавајќи го сопствениот свет. Нурнав и јас. Илустрирањето на книгата ми беше голем предизвик, но и огромно задоволство – рече Лукомска.

Сликовницата „Ши, ѕифри, копчи“ веќе е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk.

 

Сподели