Шест медали за Македонија! Триумф на јуниорите на Олимпијадата по природни науки во Дубаи

Медали освоија сите шестмина ученици од македонскиот тим на 18. Меѓународна јуниорска олимпијада по природни науки што се одржа во Дубаи, Обединетите Арапски Емирати. Алексиј Тасиќ од училиштето „Јахја Кемал“ од Скопје освои сребро, а со бронза се закитија неговите соученици Матеа Митревска и Андреј Стојановски, Иван Костевски и Марио Ванчоски од средното училиште „Славчо Стојменски“ од Штип и Теона Ана Георгиевска од основното школо „Љубен Лапе“ од скопската Општина Аеродром.

– Создаваме вредности! Честитки за учениците и целиот тим – организација на натпревари по физика, хемија и биологија, подготовки на ПМФ, лидери, набљудувачи, надгледувачи во хотел, техничка поддршка… – ја соопшти убавата вест Друштвото на физичарите на Република Македонија.

Лидер на тимот беше д-р Ламбе Барандовски, претседател на ДФРМ и професор на Институтот за физика при Природно-математичкиот факултет во Скопје. ДФРМ заедно со Сојузот на хемичари и технолози на Македонија и со Македонското биолошко друштво ги подготвуаваа учениците за престижниот натпревар. На олимпијадата учествуваа околу 900 натпреварувачи, лидери, набљудувачи и гости од повеќе од 70 земји од светот.

Фото: ДФРМ

Сподели