Шест филма на Кино утро во Кинотека

Традиционалното Кино утро во Кинотеката на Македонија почнува задутре (12 јануари) и ќе трае до 21 јануари, а љубителите на филмската уметност ќе може да гледаат три филма дневно, во различни термини. Отворањето е во четврток во 13 часот со „Лил, Лил, крокодил“ во режија на Џош Гордон, Вил Спек. Од 19 часот на репертоарот е „Кошмар пред Божиќ“ во режија на Хенри Селик.

Од петок па натаму прикажувањата се во три термини секој ден, од 13, 15 и 18 часот. Ќе бидат прикажани и „Кашеј: Крадец на невести“ во режија на Роман Артемјев, „Мињони: Подемот на Гру“ во режија на Кајл Балда, Бред Ејблсон и Џонатан дел Вал, „Авантурите на Финик“ на Денис Чернов и „Макс и бесната дружина“ во режија на Винфрид Елснер.

Крокодилот Лил живее во куќа во Њујорк, во близина на Централ парк, на таванот кај семејството Прим. Помага во извршувањето на секојдневните обврски и си игра со децата од соседството, многу е забавен, мил и добронамерен. Но, еден од соседите упорно тврди дека местото на Лил не е во куќа каде што живеат луѓе, туку – во зоолошка градина. Филмот е за деца над 7 години, а билет чини 150 денари.

„Кошмар пред Божиќ“ е приказна за страшилото со глава на тиква, Џек Скелингтон, кому му е дојдено преку глава од постојаните прослави на Ноќта на вештерките, која секоја година, на ист начин, ја организира градоначалникот. Сакајќи нешто да промени, тој добива необична идеја, откако случајно ќе појде во Градот на Божиќ, каде ќе ги види Дедо Мраз, подароците, песните и сè што таму се случува. Непосредно пред Божиќ го грабнува Дедо Мраз и ја презема неговата улога. Филмот е за публика над 10 години, а билет чини 100 денари.

Во „Кашеј: Крадец на невести“, вечно младиот и секогаш добро облечен Принц на темнината, веќе триста години не може да си најде невеста. Заплашувал и киднапирал принцези, и во жаби ги претворал, но никоја не се вљубила во него, не го засакала. Тој е сам и очаен. На другиот крај на светот, убавата принцеза Варвара има сличен проблем – ниту еден додворувач не е доволно добар за неа. Овој вилм е за публика над 12 години, а влезницата чини 100 денари.

Во „Авантурите на Финик“ многумина не знаат дека во секоја куќа живеат фини, крзнени суштества кои живеат меѓу луѓето и се грижат за одржувањето на домот, на огништето. Тие се постојано присутни, но се невидливи за човечко око. Еден од нив е и младиот Финик, кој се чини дека многу не е заинтересиран за домот, се шегува со „домашните“ и ниту едно семејство не се задржува подолго време во куќата каде што тој „оперира“. Филмот е за сите возрасти, а билет чини 100 денари.

Во „Мињони: Подемот на Гру“ дејството се случува во средината на 1970-ите, во времето на афро-фризурите и ѕвонестите фармерки. Гру е младо момче кое живее во предградието. Голем обожавател е на групата на супер-негативци „Шесторица лоши“ (Viscous 6). Гру планира да стане многу злобен за да го примат за член во озлогласената група. Филмот е даца над 7 години, а билет чини 150 денари.

„Макс и бесната дружина“ е приказна за замок во кој е сместен дом за стари лица, а таму живее и 9-годишиот Макс. Нему тоа баш и не му се допаѓа, но мора тука да живее бидејќи неговата мајка е медицинска сестра и работи во ноќната смена. Тој е единственото дете меѓу намќорестите луѓе, па на прв поглед неговиот живот тука се чини сосем „не кул“.. Филмот е за публика над 8 години, а билет чини 100 денари.

Сподели