Шеесет македонисти и слависти ќе учествуваат на меѓународна конференција на Филолошкиот факултет во Скопје

Шеесет научници, македонисти и слависти, од земјава и од странство, денес и утре заеднички ќе ја чествуваат 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот јазик. Во организација на Катедрата за македонски јазик и Катедрата за македонска книжевност и култура на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на Меѓународната научна конференција „Македонскиот јазик – 80 години од кодификацијата“. Развојот на македонскиот јазик, книжевност и култура, современите состојби во македонистиката, современите лингвистички и книжевни теории, македонскиот јазик и книжевност во наставата, како и книжевниот превод се само дел од тематските подрачја на новите научни трудови што ќе бидат презентирани на Конференцијата во чијшто научен одбор членуваат триесет истражувачи од осум држави. Во рамките на Конференцијата ќе се одржи и научниот собир „Млади македонисти“ на којшто традиционално учествуваат истражувачи од земјата и од странство до 35-годишна возраст.

По поздравните обраќања утрово во 9 часот, со програмата е предвидена пленарна сесија со учество на реномирани универзитетски професори од земјата и од странство, коишто повеќе децении наназад се посветени на македонистиката. Потоа, во осум сесии, со паралелна работа на секции за јазик и за книжевност и култура, во текот на двата конференциски дена ќе се водат дискусии за повеќе клучни и актуелни прашања во македонистиката, при што ќе бидат презентирани нови научни согледби и ќе се согледаат предизвици и за натамошни истражувања. Во текот на вториот конференцски ден, одделно внимание ќе заслужува научниот собир „Млади македонисти“, имајќи предвид дека на него ќе настапат претставници на новите генерации посветеници на македонистиката од коишто може да се очекува да го движат развојот на македнската лингвистика и македонската книжевна наука во децениите пред нас. Завршната дискусија и затворањето на Конференцијата се закажани за утре (7 мај, во 15:30 часот), по завршување на дискусиите на одделните секции за јазик и за книжевност и култура. Програмата е достапна тука.

Оваа Конференција, според културолошкото значење е најголемиот научен собир што Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ го организира во 2025 година. Истовремено, во рамките на националната Програма за одбележување на 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик, оваа Конференција е единствениот научен собир од ваков формат, во целост посветен на значајниот јубилеј.

Сподели